8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

(Видео) Шекеринска: Добрата вест нè обедини сите

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, по потпишувањето на пристапниот протокол за членство во НАТО, истакна дека ѝ претставува чест како министерка за одбрана да види дека сите земји членки на НАТО ни посакуваат топло, силно и гласно добредојде во најмоќната воено-политичка алијанса во светот.

„Македонија веќе не е во изолација, Македонија се смета за една од ретките добри вести на европскиот континент. Безбедноста на нашите граници не ја гарантираме само ние, туку ја гарантира и Сојузот и тоа неминовно носи зголемена безбедност во нашата држава, но и безбедност во регионот“, рече Шекеринска.

Министерката истакна дека ова е успех на сите граѓани на нашата татковина, успех за кој биле потребни волја, посветеност и храброст на една генерација лидери и патриоти кои донеле одлука насочена кон иднината.

„Голема чест за мене ќе биде тоа што веќе следната недела ќе можам првпат да учествувам на состанокот на министрите за одбрана на НАТО-земјите членки во име и на нашата земја и во име на секој граѓанин. Како прва жена министер за одбрана ќе ми биде задоволство што ќе ги претставувам сите граѓани на нашата држава во овој најмоќен воено-политички сојуз“, рече Шекеринска.

Таа додаде дека со тоа се испраќаат две пораки – едната дека нашата земја кога знае што сака, може тоа да го направи реалност; другата до сите наши млади, без разлика дали се момци или девојки, дека сè зависи од нивниот сон, сè зависи од тоа колку се трудат и работат, сè зависи од шансите што сами си ги создаваат. Сонот, истакна таа, е тоа што нè води напред и што нè тера навистина да направиме чуда и во својот живот и во животот на нашата земја.

Министерката рече дека домашните и меѓународните инвеститори веќе не треба да се грижат дали нивните инвестиции се безбедни и сигурни и дека граѓаните нема потреба да се грижат дали безбедноста и сигурноста на државата е гарантирана. „Институциите ќе може дополнително да им обезбедат шанси и на бизнисот, но и на граѓаните, да дојдат до подобро платени и повеќе работни места“, посочи Шекеринска.

„Донесовме стратешка одлука зад себе да го оставиме автократското владеење и живеење во изолација и да се посветиме на градење сојузништво со европските нации“, заклучи министерката.

Со потпишувањето на пристапниот протокол претставниците на Македонија ќе учествуваат на сите состаноци на алијансата, а првото официјално учество на министер ќе биде веќе идната недела кога министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво на министри за одбрана.