9.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Иванов: Школата за млади лидери годинава ќе биде со фокус на дигиталната индустриска револуција

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска, во Истанбул, се обрати на свеченото отворање на 22. Евроазиски економски самит, што се одржува во организација на фондацијата „Мармара“.
Во своето поздравно обраќање на самитот што се одржува со мотото „22 години проект за мир и дијалог“, претседателот Иванов изрази задоволство што темите на овој форум повеќе се фокусираат на иднината отколку на минатото констатирајќи дека сега е вистинското време да се зборува за развојот на технологијата.

„Во третиот милениум ние сакаме да бидеме дел од новите проекти за развој на човечкиот капитал. Но, прашањето што денес се наметнува е дали ќе бидеме активни учесници или само пасивни набљудувачи на овие неминовни процеси“, рече македонскиот претседател.

Во контекст на предизвиците и можностите што ги нуди технологијата, македонскиот претседател се осврна на неговиот проект Школа за млади лидери, што годинава ќе се одржи 10. пат од 11 до 24 февруари во Струга, а во чиј фокус ќе бидат предавања од областите на четвртата дигитална индустриска револуција.

„Школата е базирана на идејата и визијата да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе да си ги подобрат своите вештини и да ја развијат својата креативност и менаџерските капацитети. За изминатите девет генерации, 360 млади луѓе со разновиден академски и професионален фокус од Македонија и странство, имаа можност да ги слушнат предавањата и искуствата на повеќе од 200 реномирани предавачи“, рече претседателот Иванов додавајќи дека Школата беше наградена како најдобар општествено одговорен проект во Европа за 2017 година на Светскиот форум за бизнис-ангели.

Организатор на Евроазискиот економски форум е Фондацијата „Мармара“, чија цел е унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток.

Фондацијата е активно вклучена во јакнење на културата на дијалог, економската соработка и подобрување на регионалната соработка за поуспешно искористување на можностите што ги создава процесот на глобализација.

Утре, македонскиот претседател ќе одржи говор на претседателската сесија на 22. Евроазиски економски самит. Во рамките на работната посета на Република Турција, Иванов ќе одржи предавање на Фондацијата за образование, култура и заштита на животната средина „Црно Море“.

Спонзорирано: