Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Димитров до Мичел: Очекуваме ратификација на протоколот за НАТО во Сенатот на САД

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вчера во Стејт департментот имаше средба со помошникот државен секретар за Европа, Вес Мичел.

Како што информираат од надлежното министерство, Димитров го запознал соговорникот со актуелностите врзани со имплементацијата на преспанскиот договор, како и претстојните активности околу ратификацијата на пристапниот протокол за членство на Република Македонија во НАТО.

Министерот изразил очекување дека набргу ќе следи и ратификација на протоколот во Сенатот на САД. Помошникот државен секретар Мичел оценил дека склучувањето на преспанскиот договор и неговото извесно стапување во сила, проследено со зачленувањето на Република Македонија во НАТО, се историски мигови на исклучителни постигнувања, со кои земјата треба да се гордее. Посебно го нагласил очекувањето дека овие постигнувања ќе имаат позитивно влијание врз стабилноста и просперитетот на целиот регион.

Во Белата куќа министерот Димитров се сретнал и со директорите во Советот за национална безбедност на САД: за европски прашања, Вилијам Беркли и за НАТО, Маркус Томи. И на оваа средба се разговарало за претстојните активности во контекст на евро-атлантската интеграција на Република Македонија и натамошната поддршка од САД во тој контекст.

Димитров остварил и одделни средби со претседателот на Националниот демократски институт (НДИ), Дерек Мичел, со заменик-извршниот директор на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), Џуди Ван Рест, како и со директорот од Фондацијата „Херитиџ“, Лук Кофи, на кои биле разгледани можностите и перспективите за натамошната соработка со овие институции.

Денека министерот ќе има средби со ко-претседавачот на Комитетот за безбедност и соработка во Европа и член на Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД, сенаторот Бен Кардин, и со извршниот потпретседател на Атлантскиот совет на САД, Дејмон Вилсон. Попладневно Димитров ќе има обраќање во Атлантскиот совет пред експерти, претставници на невладини организации и дипломатската заедница во Вашингтон.

Спонзорирано: