8.8 C
Скопје
12. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Лазаревски до Мијалков: Директоре, па јас прв Ве внесов во просторијата за прислушување

„Свиркачот“ Ѓорѓи Лазаревски кој незаконски прислушуваните разговори ги извади од МВР и му ги предаде на ексдиректорот на УБК, Зоран Верушевски, на денешното рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“ рече дека тој прв во 2006 година го внел тогашниот нов директор на УБК, Сашо Мијалков, во просторијата каде бил поставен системот за прислушување.

На прашање на адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски, кој сè имал пристап во просторијата која се наоѓала на четвртиот кат во зградата на Граничната управа, каде стоела машината, Лазаревски одговори дека покрај осумте лица маркирачи и одржувачи на системот, можност за влез во просторијата имал и Сашо Мијалков. Ексдиректорот на УБК на овој одговор се насмеа, на што Лазаревски му кажа: „Директоре, па јас прв Ве внесов во просторијата за прислушување“.

На денешното рочиште Лазаревски преку прашањата на адвокатите на обвинетите во случајот за нелегалното прислушување „Таргет-Тврдина“ го појаснува начинот на кој успеал да влезе во системот. Тој истакна дека во 2008 го искористил тоа што лозинката на главниот администратор за влез во системот не била променета и влегол со цел да ги види логовите, односно аквивностите кои биле вршени во системот, односно времето кога корисникот влегувал и излегувал во системот и броевите кои биле поставувани и прислушувани.

„Никој ми немаше поставено забрана за пристап да влезам во системот, иако веќе не работев на него. Ако некој сакал да не влезам, ќе го променел пасвордот. Го искористив моментот што пасвордот не беше променет, уште од кога јас бев началник на оперативната техника, до 2006 година“, рече Лазаревски.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на специјалното јавно обвинителство, обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви, за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

(Мафакс)