Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

(Видео) Нови специјализирани возила за собирање отпад во Крушево и Демир Хисар

Со средства од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерство за локална самоуправа се обезбедени возила за собирање и транспорт на цврст отпад за општините Крушево и Демир Хисар во вредност од 100 илјади евра. Со десет илјади евра учествуваат и општините со сопствени средства.

„Се пристапува кон решавање на едно од најважните прашања за граѓаните на Крушево и Демир Хисар, а и во другите општини собирање на отпадот и одржување на хигиената на начин што обезбедува стандарди, квалитет и континуитет. За да се решаваат проблемите со заштитата на животната средина и со аерозагадувањето, за жал, мора да се почне од обезбедување на елементарните услови во општините зашто во еден зимски туристички центар, како што е Крушево, за жал, досега воопшто немало специјализирани возило за собирање отпад и отпадот се собирал со трактори на крајно несоодветен начин“, рече заменик-министерот Павлески.

„Ставаме крај на импровизациите што траеа премногу долго, а последиците што ги чувствуваме се огромни. Граѓаните со право се исплашени од загадувањето. Свесни сме за тоа и затоа и од централната и од локалните власти им даваме приоритет на проектите што имаат директно влијание врз заштитата на животната средина“, додаде тој.

Денеска, во Крушево, на средба со градоначалникот на општината, Томе Христоски, и со градоначалниците од Пелагонискиот Плански Регион, заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, разговараше за приоритетите во регионот што ќе бидат реализирани со финансиска поддршка од Министерството во текот на оваа година. Павлески истакна дека за 2019 година Владата ги зголеми буџетските средства за рамномерен регионален развој над 50 насто, што значи дека повеќе средства ќе има и за финансирање на проекти во Полошкиот Плански Регион. Со финансиска поддршка од Програмата за рамномерен регионален развој минатата година се реализирани 15 нови проекти во општините во Пелагонискиот Плански Регион, главно за реализација на локална патна и комунална инфраструктура, опрема, како и за подготовка на техничка документација на поголеми проекти.