26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Собранието го усвои буџетот за 2019 година, Тевдовски најави подобар животен стандард за граѓаните

Пратениците во Собранието го изгласаа буџетот за 2019 година, информираат од Министерството за финансии.

Како што се наведува во соопштението, вкупните приходи на буџетот за 2019 година се планирани на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на 228,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е 17,7 милијарди денари, односно 2,5% од БДП, што, како што истакнуваат од ресорното министерство, е намалување во однос на годинава за половина милијарда денари, или за 0,2 процентни поени како процент од БДП.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, во експозе на предлог-буџетот на пленарната седница во Собранието посочи дека истиот треба да донесе повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото и повисоко ниво на социјална правда.

„Тој предвидува праведно оданочување и мерки за стабилизација на ПИОМ, при истовремено вложување во сите клучни сектори на општеството: интензивирање на процесот на интеграција во НАТО, со значително повисок буџет за одбрана и повисоки плати за вработените, повисоки плати за лекарите специјалисти и за целиот медицински персонал, повисоки плати во образованието и градинките, целосно реформиран систем на социјална заштита со минимален гарантиран приход, социјална пензија и образовен и детски додаток, историски највисоко ниво на средства за активни мерки за вработување и за поддршка и поттикнување на инвестиции, раст на платите на сите вработени во јавната администрација, како и амбициозен но реален план на јавни вложувања во инфраструктурата“, рече министерот.

Како што истакнуваат од Министерството за финансии, со буџетот за капитални инвестиции се издвојуваат 26 милијарди денари.

„За капитални расходи за патната и железничка инфраструктура планирани се 5,2 милијарди денари. За капитални инвестиции во енергетска и комунална инфраструктура проектирани се 5,5 милијарди денари. За уредување на технолошко-индустриските развојни зони планирани се 631 милиони денари. За здравствениот сектор планирани се капитални инвестиции во износ од 1,3 милијарди денари. За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции во износ од 2,8 милијарди денари. Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 3,3 милијарди денари, кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства. Буџетот е планиран врз проекција на раст на БДП од 3,2% и инфлација 2%“, се наведува во соопштението на ресорното министерство.