26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Во Виена убиен член на балкански мафијашки клан, убијците се во бегство

Австриските медиуми јавуваат дека денеска околу 13:30 часот по локално време се случило пукање пред ресторан во центарот на Виена при што едно лице е убиено, а друго повредено.

Според првичните медиумски извештаи, околу 5 куршуми биле испукани на Бакерштрасе. Едно лице загинало на самото место, а другото се бори за живот. И двајцата биле застрелани во пределот на главата. Виенската полиција соопшти дека не станува збор за терористички напад.

Иако се појавија информации дека е уапсено лицето осомничено за пукањето, портпаролот на полицијата, Даниел Ферст, го негираше тоа. Тој појасни полицијата само запрела неколку луѓе, но тие биле ослободени.

Српски „Блиц“ известува дека во пукањето убиен е Владимир Рогановиќ, еден од членовите на озлогласениот кавачки клан, а ранет е уште еден член на тој клан, 22-годишниот Стефан Вилотијевиќ од Никшиќ.

Според изјавите на сведоците, пукањето се случило околу 13:30 часот во близина на локалот „Флигмулер“ и во него учествувале повеќе лица. Полицијата излегла на местото на настанот и увидот е во тек.

Новинари од австриски „Куриер“ на местото на пукањето сретнале литвански новинар кој снимил како еден од застреланите лежи на улица. Според информациите, напаѓачите зборувале на некој словенски јазик и викале „брат, брат“.

„Тоа беше босанска мафија, едниот беше Србин и нешто зборуваше. Другиот како да викаше ‘брат, брат’“, изјавил новинарот за „Куриер“.

Двајца вооружени мажи избегале од местото на настанот.

„Еден беше многу висок и силен човек, а двајцата беа облечени во темни бои“, изјавиле сведоците.

„Слушнав пукање и извици, се заклучав себеси во продавница и се сокрив, видов жртви, имаше многу крв и многу се исплашив“, изјавила сведокот Моника Дулак.