11.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Нови рочишта за предметите на СЈО – „Тотал“ и „Трезор“

Во кривичниот суд за денеска се закажани нови две рочишта за предмети на специјалното јавно обвинителство. Рочиште ќе има за предметот „Тотал“ и за предметот „Трезор“.

Обвинети во случајот „Трезор“ се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началникот на Петтата управа, Горан Грујовски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, и поранешниот помошник-министер во МВР и член на Управниот одбор на „Телеком“, Небојша Стајковиќ.

Според обвинението, обвинетите Мијалков, Јакимовски и Грујовски во 2010 година договориле набавка на опрема за пресретнување на комуникациите и обука за користење на опремата за потребите на Петтата управа. Но, наместо набавката да оди директно преку Министерството, обвинетите ја вклучиле и компанијата „Финзи“ како застапник на МВР.

Фирмата „Финзи“, кога ја презела набавката, увозот на опремата го фактурирала по двојно поскапа цена. Набавката на опремата е направена во 2010 година, а фирмата „Финзи“ ДООЕЛ е формирана кон крајот на 2009 година.

Рочиште денеска во кривичниот суд ќе има и за предметот на СЈО, „Тотал“, во кој е обвинет новинарот Драган Павловиќ-Латас, кој се товари за даночно затајување.

Во предметот „Тотал“ на СЈО, Латас е обвинет заедно со три фирми: „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ, „Тотал медија центар“ и „Медијамакс“, каде што тој се јавува како сопственик или управител. Според обвинението, Латас во периодот од 2008 до 2015 година одбегнал плаќање данок. Тој и правните лица давале лажни податоци за даночните обврски.

Латас како управител на компаниите ја намалил основицата за данок и не пријавил лични приходи. Тој набавката на опрема за себе ја евидентирал како опрема за фирмите, иако во фирмите немало вработени лица, односно во една фирма имало само еден вработен. Овие средства биле евидентирани како основни средства и тековни трошоци, а Латас ја намалил обврската и по основа на ДДВ. Износот за добра и набавени услуги Латас не го пријавил во годишната даночна пријава.