11.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

(Видео) Манчевски: Со буџетот за 2019 ги испорачуваме резултатите кои од нас ги бараат граѓаните

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешната прес-конференција го презентираше предлог-буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација за 2019 година.

Вкупниот буџет на Министерството за 2019 година изнесува 1.554.840.000 и бележи мал пораст во споредба со буџетот за минатата година, кога изнесуваше 1.486.050.000 денари. И оваа година, како и претходната, како што соопштија од Министерството, најголемиот дел од овие пари, односно 77 % се предвидени за финансирање на МРТВ, МРД и АВМУ.

„Праксата од минатата година, за што е добиена потврда и од засегнатите страни, покажува дека на овој начин, преку обезбедување пари од буџетот, МРТВ, АВМУ и МРД добиваат редовни, предвидливи средства. Сега тие имаат можност долгорочно да ја планираат својата работа и програма и имаат автономна и независна уредувачка политика“, истакна министерот Манчевски.

Како што посочи Манчевски, во текот на 2018 година беа изработени повеќе стратегии, како што се Стратегијата за реформа на јавната администрација, Стратегија за отворени податоци 2018-2020, Национална стратегија за сајбер-безбедност 2018-2022, Национален план за управување со квалитетот во јавниот сектор 2018-2020. До крајот на оваа година ќе се финализира и Стратегија за широкопојасен интернет, а на средината од наредната година ќе има и нова Национална долгорочна ИКТ-стратегија. За дел од активностите предвидени во стратегиите, како што изјави Манчевски, обезбедени се средства од буџетот на МИОА за 2019 година, но за голем дел од активностите се обезбедени средства од партнерите од меѓународната заедница.

„Тука мислам на процесот на воведување критериуми за висока раководна служба и изработка на нов закон. Хоризонталната функционална анализа на органите на државната управа е уште еден комплексен процес што активно ќе се реализира во 2019 година, за што имаме обезбедени финансии од надворешни донатори. Во телот на информатичкото општество, тука е имплементирањето на акцискиот план за сајбер-безбедност, за што се обезбедуваат пари, повторно од надворешни донатори“, информираше министерот.

Министерот го најави и Националниот портал за е-услуги како единствена точка на контакт на граѓаните со државните институции.

„Порталот ќе биде пуштен во употреба на почетокот на 2019 година. Во првата фаза на развој на порталот услугите ќе бидат насочени кон граѓаните, но порталот во понатамошниот развој ќе претставува основа на која ќе се надоградуваат сè повеќе услуги и за бизнис-заедницата. За ова, повторно работиме со помош на ЕУ, целта на порталот за е-услуги е да ја зголеми ефикасноста на државните институции и да обезбеди побрзи и поедноставни услуги, преку создавање единствена точка на контакт помеѓу граѓаните и бизнисите од една страна и давателите на услуги од друга. Порталот овозможува и поврзување со Националниот регистар на население, од каде ќе се преземаат основните податоци за граѓаните“, рече министерот Манчевски.

Уште еден проект што ќе биде реализиран во текот на 2019 година, а што е во правец на олеснување на процесот на добивање нервиси од јавната администрација е една точка за услуги.

„Во текот на 2019 година во секој поголем град да се отворат канцеларии (центри) каде што граѓаните ќе може да се обратат на едно место, односно една точка за услуги, за услугите што ги нудат повеќе државни институции. Најголем дел од канцелариите што ќе се користат ќе бидат актуелните интернет-клубови, кои по направената анализа се покажаа како непотребни и нефункционални. Со пренамената на овие простории во центри за една точка за услуги, овие простори ќе бидат ставени во целосна служба на граѓаните“, подвлече Манчевски.

МИОА во моментов работи и на проектот Централен регистар на население, како единствена база на податоци која ќе обезбеди ажурирани информации за населението во Македонија. Централниот регистар на население ќе овозможи институциите да имаат редовна ажурна состојба за личните податоци на населението. Точноста на податоците што се користат во управните постапки од институции е поставена на максимално ниво и истата ќе биде следена и контролирана. Со имплементацијата на овој систем отстранета е можноста за употреба на лажни лични податоци. Податоците во Централниот регистар на население се основа за издавање на електронски идентитет за граѓаните, кој понатаму се користи во порталот за е-услуги.

„Во претходниот период бевме фокусирани на анализи, планови и стратегии. 2019 е година на испорака на резултати. Почнуваме со реорганизација и оптимизација на администрацијата. Конечно да ги направиме работите кои сите граѓани ги бараат од нас, но никој не сакаше да ги спроведе. Почнуваме и со масовна дигитализација на Македонија. Институциите мора да бидат сервис на граѓаните. Услугите ќе ги донесеме поблиску до граѓаните. Модерна администрација за модерна држава“, заклучи министерот Манчевски.