17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРАИЗБОР

Отворено третото издание на КРИК – фестивал за критичка култура

На синоќешното отворање на третото издание на КРИК – фестивал за критичка култура во Музејот на современата уметност, Искра Гешоска рече дека во конципирањето на фестивалот сè уште е актуелна мислата на Ален Бадју дека заедницата што се заснова врз култура на критичко дејствување и соочување преку креативна конфронтација е култура на слобода што ги поместува хоризонтите на општеството.

„Токму оваа идеја е сè уште актуелна во нашето конципирање на фестивалот и тоа е она што ни треба, таквото поместување на хоризонтите во општеството и менување во општеството, создавање платформи што ќе бидат перманентно критични и ќе се борат против состојбите на вознемиреност и вонредност. КРИК беше замислен како отворена платформа и сè уште е, тој на некој начин е резиме кое почнува ново поглавје на целокупната работа не само на ‘Контрапункт’ туку и на сите други со кои заедно сме ги создавале нашите мислечки, општествени и политички наративи“, рече Гешоска.

Елена Вељановска ја претстави програмата на годинешното издание, која е поделена во три дела.
„Оваа година решивме да се занимаваме со актуелни, но поглобални теми, но кои исто така имаат влијание врз нашиот локален контекст. Оваа година не направивме изложба, имаме повеќе видеа и се занимаваме со уметноста на подискурзивен начин, но имаме музича содржина за која се надеваме дека повеќе ќе ја развиваме во иднина“, рече Вељановска.

За концептот на годинешното издание на фестивалот, Артан Садику рече дека насловот „АЛЕРТ! – пред портите на моќта очекувајте исклучување“ е единствениот начин на кој може да се опише содржината.

„Јас би го опишал како процес што сака да зборува за она што ние го искусуваме во секојдневието токму под нашата кожа, кое е многу политичко, ама не зборува. Ние сакаме да кажеме збор-два за она што се случува под нашата кожа, во нашето секојдневие, кога сме на улица, дома, кога сме во јавен простор, кога се соочуваме со политички настани, сето тоа што тлее под нашата кожа сакавме во овој КРИК да го отвориме и да го дискутираме“, рече Садику.

Тој го претстави и првиот гостин на фестивалот, Маврицио Лазарато, социолог, филозоф и професор на Универзитетот „Париз 8“, за кој рече дека е еден од водечките светски постмарксистички мислители кој ја револуционаризира денешната перспектива на трудот во капиталистичките општества.

Предавањето на Лазарато, со наслов „Помеѓу политиките на задолжување и неофашистичкиот бран во светот“, ги акцентира новите авторитарни, фашистички, недемократски движења, нивниот подем и влијанието на неолибералните економски политики врз таквата драстична промена во политичката мапа.

„Изборот на Жаир Болсонаро за претседател на Бразил е голем пресврт во историјата на светот. Овие избори покажуват што ќе се случува со светот во иднина. Неолиберализмот е само маска, вистинското лице на светот денес е фашизмот. Врската помеѓу неолиберализот и фашизмот не е нешто ново бидејќи апсолутната моќ е една од аспирациите на неолиберализмот“, истакна Лазарато.

Според него, економската криза, односно задолжувањето, бегалците и екологијата се трите клучни проблеми на светот денес, кои водат кон будење на новиот фашизам кој се крие зад маската на популистичкиот неолиберализам.

„Последните избори во Бразил покажуваат блиска врска помеѓу војната, нејзините артикулации (фашизмот, расизмот, сексизмот) и неолиберализмот. Ова не е ништо ново бидејќи подемот на неолиберализмот во Чиле почна помеѓу соработката на чилеанската војска и чилеанската група на економски либертаријанци, The Chicago Boys. Токму економската криза во Бразил беше предуслов за доаѓањето на Болсонаро на власт“.

Тој рече дека во Европа и во САД со Трамп се создава нов тип фашизам, кој нема бргу да заврши. Одговарајќи на прашањата на публиката, Лазарато истакна дека е потребно да се преосмисли концептот на револуција во 21 век бидејќи во фокусот на марксистичката мисла е само трудот и таа не го зема предвид феминистичкото движење како едно од највлијателните денес, а слично е и со расните политики, кои денес е изразуваат преку односот кон мигрантите и бегалците. „Потребна е револуционерна политика, а исто така и култура“, рече Лазарато.
Дел од отворањето на КРИК беше и перформансот на „Постглобал трио“ во киносалата на МСУ и диџеј-сетот на Тони Димитров.

За четврток (22 ноември) се планирани предавањето „За постанувањето поранешен“ и разговорот со Петар Милат од Хрватска, поврзано со општото прашање за тоа дали и колку уметничкото творештво и естетското промислување може да го надминат дисциплинскиот јаз – и во системот на уметноста и во општата рамка на општествениот живот. Милат во своето предавање ќе го акцентира постоењето на специфичната стратегија на трансверзалностa и на недисциплинатa: постанувањето поранешен.

Во разработката на оваа идеја ќе бидат презентирани примери од современата теорија на естетиката, експерименталниот филм и книжевноста, со цел да се укаже дека естетскиот еманципаторски капацитет се наоѓа во специфичната привременост на уметноста.
Потоа ќе се одржи презентација на уметнички видеа Das nackte Überleben („Гол опстанок“) и разговор со Катрин Бекер од Германија, директорката на n.b.k. видеофорумот и кураторка, Катрин Бекер, ќе претстави избор на видеодела од изминатите две децении, кои во однос на содржината реферираат на поимот состојба на исклучоци. Насловот на проекцијата Das nackte Überleben („Гол опстанок“) е инспириран од синтагмата гол живот на Џорџо Агамбен; голиот живот од кој суверената моќ може да се ослободи и располага по укинувањето на разликата помеѓу јавното и приватното. Во видеопроекцијата Бекер ги претставува и коментира делата што се однесуваат на поединецот во однос на состојбата на исклучоци – дали е тоа политичка, економска, еколошка или социјална, притоа осбрнувајќи се на разновидните аспекти, како: диктатурата (Марина Напрушкина), војната (Мозер и Швингер, Микола Ридниј) и окупацијата (Лариса Сансур), кои се исто толку важни прашања како што се и политичкото исклучување (Олег Кулик), еколошките катастрофи (Урсула Биман) или постоењето на кодексот на однесување (Френсис Алес, Мванги Хутер, Хирохару Мори), што ги регулираат општествените процеси на исклученост и вклученост.

В петок (23 ноември) случувањата ќе почнат напладне со првиот дел на работилницата за критичко пишување во сферата на визуелните уметности „Јасно и гласно“ на Маја Ќириќ од Србија. Од 19 до 20 часот е предвидено да се одржи предавањето, презентацијата и разговорот за картографските филмски наративи (Cine-Soma) со Ангела Мелитопулос од Грција. Со неа подоцна ќе дебатира Маврицио Лазарато, а вечерта звучно ќе ја обојат нејзините сонародници – CËRPA со музички сет, и Millions of dead tourists, кои ќе одржат концерт на КРИК.

Првиот дел од годинешното издание на Меѓународниот фестивал за критичка култура ќе биде заокружен в сабота со вториот дел од работилницата за креативно пишување и со предавање и разговор на тема „Кризата на неолиберализмот, кризата на демократијата“ од Алфредо Саад Фиљо од Велика Британија.