10.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Новата пратеничка група немала претставник да ја образложи иницијативата за помирување на координацијата кај Џафери

Денешната координација кај собранискиот спикер Талат Џафери заврши без одлука за формирање на телото за помирување за настаните од 27 април. Иницијативата за интерпартиско парламентарно тело за помирување и интеграција, доставена до претседателот на Собранието од осумте пратеници од новата пратеничка група, според најавите, денеска требаше да биде разгледана, но на состанокот не присуствувала координаторката Елизабета Канческа-Милевска, која образложила дека има обврски поврзани со посетата на претседателот на австрискиот Национален совет на Австрија, Волфганг Соботка.

Очекувањата се дека иницијативата ќе се разгледува на координација идниот понеделник, но не се исклучува можноста тоа да се случи и во текот на оваа недела. Колку членови ќе брои ова тело и како ќе функционира, сè уште не е прецизирано, а подносителите на иницијативата, како што најавија, очекуваат првин да се постават контурите и методологијата за работа.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повторија ставот да нема да учествуваат во работата на ова тело, а како причина сега го наведуваат изборот на Џафери да раководи со него. Новиот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, вели дека сепак ќе ги почитуваат одлуките на телото ако се во насока на неселективно помирување.

„Во координативното тело за помирување ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува затоа што со него ќе претседава човек што на срамен начин беше избран на местото во Собранието пред очите на целата македонска јавност со кршење на Деловникот и процедурите за избор. Но, ако тоа координативно тело што ќе работи на помирување донесе одлуки и ставови, што ќе бидат прифатливи за ВМРО-ДПМНЕ, а тоа значи неселективна правда и можност за учество и праведност кон сите учесници во настаните, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи неговите одлуките“, рече Мицевски.

Формирањето на телото за помирување беше еден од условите на осумте опозициски пратеници да гласаат за отворање на Уставот. Нивните очекувања се дека сите пратенички групи ќе се вклучат во работата на интерпарстиската комисија, која првенствено ќе се фокусира на настаните од 27 април, а не ја исклучуваат можноста да се продолжи мандатот и истото работно тело да функционира и во иднина за други политички прашања.

Спонзорирано: