10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Каменос: Грција не провоцира, но не се откажува од своите права

Грција го почитува меѓународното право, го штити својот национален суверенитет и се стреми кон коегзистенција за сите врз основа на меѓународното право, рекол грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, одговарајќи на изјавата на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, дека Грците се пирати од Средоземјето.

Каменос нагласува дека Грција не провоцира, но и дека нема да се повлече ниту чекор назад од своите права пропишани со договорот и меѓународното право.

„Грците се единствени што низ вековите никогаш не биле пирати. Грција секогаш ги почитува меѓународното право и одлуките, а на пиратите им се суди пред Советот за безбедност на ОН кога нелегитимно окупирале одредени подрачја“, рекол Каменос, пренесе АНА.

Ердоган вчера изјави дека Турција нема да дозволи експлоатација на резерви на гас во водите на Турција и Северен Кипар на источниот Медитеран.

Се верува дека источниот Медитеран е богат со природен гас, а обидите оттаму да се извлечат ресурси ги зајакнаа тензиите меѓу Турција и Грција, која има договор за одбранбена заштита со меѓународно признатата влада на кипарските Грци.

Минатиот месец Турција се жалеше дека грчко пловило вознемирило турски истражувачки брод западно од Кипар. Грција ги отфрли обвинувањата обвинувајќи ја Турција дека поттикнува тензии.