26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев се слушнал со Столтенберг

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска имаше телефонски разговор со Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, кој изрази комплименти, поддршка и честитки за успехот во понатамошна имплементација на договорот од Преспа.

Генералниот секретар на НАТО ја поздрави храбрата, голема и државничка одлука на пратениците, и му пренесе на премиерот Заев дека во НАТО се среќни што Република Македонија продолжува напред и уште додаде дека во таа насока испраќа честитки и за успешно завршените пристапни разговори за членство во алијансата на 18 и 19 октомври во Брисел и порача дека НАТО останува фокусиран на завршување на процесот на интеграцијата на земјата во сојузот.

Заев се согласи дека пратениците ги надминаа партиските разлики за доброто на државата и донесоа голема и важна одлука.

Одлуката во Собранието, како што истакна премиерот Заев, е силен импулс Република Македонија да продолжи силно напред и дека охрабрувањето, поддршката и пријателството од НАТО-сојузниците ќе има позитивно влијание да се зголеми мнозинството што ја поддржува имплементацијата на договорот од Преспа.

Тој информира дека се очекува просецот да заврши во јануари по што Република Македонија ќе може да го заземе заслуженото место во НАТО.

Заев уште информира дека паралелно продолжуваат да се спроведуваат реформите, вклучително и реформите на безбедносниот сектор, и дека институциите во земјата имаат капацитет да ги спроведат сите потребни обврски што доаѓаат со полноправното членство во НАТО.