20.8 C
Скопје
12. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

(Видео) Николовски: Исплатени се 3 милиони евра за поддршка на младите земјоделци

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска беше во посета на младите земјоделци во село Оризари кои ги искористиле средствата од мерката млад земјоделец, а министерот на терен, како што соопштија од неговиот кабинет, се уверил во успешноста на мерката за која има голем интерес кај младите што почнуваат сопствен агробизнис и таа успешно се реализира.

„Нашата цел е младите да ги поттикнеме да почнат свој бизнис и да ги задржиме тука. Интересот за оваа мерка расте и оваа година имаме 1.045 апликации, речиси двојно повеќе од лани. Со ова остануваме на заложбата да ги вратиме парите кај граѓаните. Ова не го правиме само преку субвенции, туку преку развојни проекти со кои го стимулираме развојот на агробизнисот во земјата“, истакна министерот Николовски.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, кој беше во посета на село Оризари заедно со министерот Николовски, истакна дека предност на повикот имаат младите лица кои повеќе од две години се невработени.

„Со овие програми и средства сакаме да обезбедиме нови можности за успех на сите млади што се занимаваат со земјоделство, да им го олесниме начинот на обработка на земјоделските површини, развој на органско и сточарско производство. Да ги мотивираме да ги зголемуваат обработливите површини, да создаваат поквалитетни производи и поголем пласман“, изјави Бабовски.

Со новите критериуми на повикот се обезбедува фондовите да стигнат до вистинските земјоделци и целосно ги исклучуваме можностите за злоупотреба. Минатата година беа склучени 424 договори, од кои веќе 313 се реализирани, за што се исплатени околу 3 милиони евра, соопштија од Министерството.