8.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

ССК: Првите овластени економски оператори ја олеснуваат трговијата

Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК) и Царинската управа го промовираа концептот на овластен економски оператор (OEO).

На прес-конференцијата беше истакнато дека статусот OEO е меѓународно признаена марка за квалитет која укажува на тоа дека економските оператори од Македонија, како производители, извозници и увозници, шпедитери и транспортери, во меѓународниот синџир на снабдување се безбедни и сигурни, а нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласени.

Претседателот на Сојузот, Данела Арсовска, истакна дека првите компании веќе аплицираа и се во процедура на имплементирање на неопходните правила за добивање статус ОЕО, што значи поволност за компаниите како на македонското царинско подрачје така и во царинското подрачје од земјите на ЦЕФТА-регионот, односно овозможува приоритетен третман при извршување на царинските контроли со значително олеснети процедури.

„Придобивките за стекнување статус ОЕО кај компаниите се многубројни од аспект на олеснување и забрзување на трговијата, промовирање на извозот и економскиот раст. Поточно, компаниите што ќе се стекнат со статусот ОЕО ги задоволуваат предвидените законски критериуми и се сметаат за безбеден и сигурен партнер во трговскиот синџир на снабдување. Од друга страна, стекнувањето на статусот ОЕО за домашните компании е исто така предизвик затоа што станува збор за процес на имплементација на високи стандарди“, изјави Арсовска и додаде дека компаниите што ќе се стекнат со ОЕО долгорочно ќе имаат поедноставни, побрзи и поевтини постапки за компаниите што се извозно ориентирани.

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, истакна дека некои од придобивките што ги носи статусот ОЕО, а кој се стекнува на доброволна основа, се поголема безбедност и сигурност, како и намалени трошоци. Танасоски ги охрабри македонските компании да добијат статус ОЕО со цел да ги искористат придобивките и поволностите на одобрениот статус.

Концептот на овластен економски оператор е еден од инструментите за олеснување на трговијата. Овој концепт е одамна промовиран од страна на Светската царинска организација и прифатен од многу држави, тој опфаќа подобности за овластен економски оператор во државата и надвор од државата.

Спонзорирано: