11.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

(Видео) На Денот на европската статистика, премиерот Заев ја потпиша Декларацијата за посветеност кон доверба во официјалната статистика

Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска присуствуваше и се обрати на настан во организација на Државниот завод за статистика посветен на Денот на европската статистика на кој Република Македонија формално им се придружи на европските земји Шведска, Словенија, Ирска, Белгија, Грција, Романија, Црна Гора и Албанија со потпишување на Декларација за посветеност кон доверба во официјалната статистика.

Со своето присуство директорка на Евростат, Маријана Коцева, и со одлуката овој значаен ден за европската статистика да се одбележи во Република Македонија изрази голема поддршка за напорите на Република Македонија да стане дел од евро-атлантското семејство, но и за напорите на Државниот завод за статистика што ги вложува за унапредување на статистичките операции и процеси и нивно приближување и интегрирање со европските, се наведува во соопштението од Владата.

Премиерот Зоран Заев ја потпиша Декларацијата за посветеност кон доверба во официјалната статистика со што Република Македонија формално се заложува за преземање на сите неопходни мерки за зацврстување и одржување на довербата во официјалната статистика и за следење на спроведувањето на Кодексот за работа на европската статистика.

„Со усвојувањето на оваа декларација, Република Македонија официјално од денеска се приклучува кон земјите кои веќе ја имаат потпишано оваа декларација: Шведска, Словенија, Ирска, Белгија, Грција, Романија, Црна Гора и Албанија. Веродостојните статистики се неопходен услов за креирање одржливи политики и научни истражувања базирани врз докази и добра функционална демократија. Во таа смисла кредибилитетот на Националниот статистички систем е еден од неопходните услови за доверба во мерките и политиките што ги усвојува и ги спроведува Владата на Република Македонија, но и за научните анализи, истражувања и трудови кои произлегуваат од Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ и другите научно-образовни установи“, посочи Заев во своето обраќање.

Генералната директорка на Евростат, Маријана Коцева, зборуваше за важноста од потпишување на оваа декларација и за кодексот за работа на европската статистика и значењето од неговото почитување.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој исто така имаше свое обраќање, зборуваше за националниот статистички систем на Република Македонија и неговата усогласеност со европскиот статистички систем. Тој истакна дека во изминатата година е подобрен квалитетот и транспарентноста на податоците за буџетот и посочи дека Министерството за финансии, како дел од Националниот статистички систем, активно работи на подобрување на квалитетот и достапноста на статистичките податоци кои ги произведува.

На настанот на којшто се одбележуваше Денот на европската статистика присуствуваа и се обратија и претседателот на Македонската академија на науки и уметности, академик Таки Фити, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Никола Јанкуловски, деканот на Економскиот факултет во Скопје, – Љубомир Дракулевски, директорот на заводот за статистика – Апостол Симовски и гувернерката на Народна банка на Македонија – Анита Ангеловска Бежовска, соопштија од Владата.

Спонзорирано: