14.8 C
Скопје
9. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Британија назначи министер за превенција на самоубиства

Bелика Британија го назначи својот прв министер кој ќе се бори против стигмата околу прашањето за ментално здравје и ќе ги зајакне напорите за борба против суицидност, велат од Министерството за здравство.

Британската влада го обележа Светскиот ден на ментално здравје на самитот посветен на ова прашање кој се одржува за првпат во Британија и најави дека Џеки Дојл-Прајс ќе ја предводи министерската позиција и ќе се бори за превенција на самоубиства.

Мет Хенкок од Секретатијатот за здравство изјави дека Кралството веќе бележи значителен успех во превенцијата на самоубиства и дека бројката е сведена на минимум во последните седум години. Хенкок додаде дека, сепак, потребни се напори за борба против стигмата за лицата кои се борат со менталното здравје. Тој вели дека важно е да им се даде на овие лица до знаење дека треба да побараат помош.

„Самоубиството е смрт што може да се спречи, а ние сме решителни во тоа да сториме сè што е во наша моќ за да се справиме со потенцијалната трагедија“, изјави Хенкок.

Новата министерка Дојл-Прајс ќе биде на чело на секторот за ментално здравје, нееднаквости и превенција на самоубиство. Таа вели дека разбира колку трагични, погубни и трајни се последиците од самоубиствата врз семејствата,

„За време на мојот мандат како министер за здравство сретнав многу луѓе кои загубиле некого поради самоубиство, нивните приказни за болката и загубата ќе ги паметам засекогаш“, изјави Дојл-Прајс.

„Овие луѓе ќе бидат во фокусот на нашата работа. Би сакала да укажам дека ова е отворена можност за блиска соработка со нив, како и со професионалните лица со кои ќе работиме на детален план за превенција, земајќи ги предвид нивните гледишта“.

Премиерката Тереза Меј, пак, најави инвестиција од 1,8 милиони фунти во добротворната организација „Самарјани“, чиј главен фокус е токму ова прашање.