11.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Уницеф: Не можеме да го подобриме успехот во учењето, ако нашите деца не се чувствуваат безбедно и сигурно на училиште

Уницеф објави глобалeн извештај на тема „насилството врз децата во училиштата“, а по спроведувањето на извештајот организацијата почнува и глобална кампања против насилството и малтретирањето во училиштата, со цел кон овој проблем да го привлече вниманието на креаторите на политики и на заедниците. Главен предизвик за земјата во наредниот период е да поттикне развој на образовниот систем во чекор со балканските и европските соседи. Ова претставува и клуч за економската конкурентност, но и долгорочниот социјално-демократски развој на општеството, се наведува во соопштението на Уницеф .

Од Уницеф додаваат дека во земјава, 42 % од учениците на возраст од 13 до 15 години пријавиле дека доживеале врсничко насилство во и околу училиштето, и посочуваат дека не можеме да го подобриме успехот во учењето, ако нашите деца не се чувствуваат безбедно и сигурно на училиште.

„Во извештајот се дадени убедливи докази за потребата да се преиспита како насилното однесување се контролира во образовниот систем и во заедницата како целина. Ниедно дете не треба да се плаши да оди на училиште. Сепак, за многу голем број ученици од светот училиштето не е безбедно место. Половина од учениците во светот на возраст од 13 до 15 години, околу 150 милиони, пријавиле дека доживеале насилство од врсниците – малтретирање и физички пресметки во и околу училиштето“, стои во соопштението.

Од истражувањата произлегува и дека семејното насилство има силно негативно влијание врз развојот на самодовербата и делотворноста на умот на детето.

„Насилството предизвикува токсичен, постојан стрес кој прекумерно ги активира деловите од мозокот што предизвикуваат импулсивност и насилство, а ги деактивира деловите одговорни за самоконтрола, фокус во учењето, претпазливост и интегритет. Децата кои трпат семејно насилство и негрижа се исклучително подложни на ризикот да станат сторители или жртви на насилство при турбулентниот и ризичен премин во адолесценцијата. Понекогаш, одлуките што детето ќе ги донесе во адолесценцијата имаат влијание врз целиот негов живот“, се додава во соопштението на Уницеф.

Семејното насилство не е маргинален проблем, велат од Уницеф и додаваат дека според Светската здравствена организација 30 % од децата во земјава се изложени на запоставеност, а податоците на Уницеф велат дека 52 % трпат физичко насилство во домот, а и стапките низ светот се слични.

Оттука образовните системи, велат од Уницеф не треба да го спречуваат насилството само во училиште, тие треба да се обидат да го намалат и ефектот од насилството дома и на тој начин да им обезбедат напредок на сите деца.