17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАБИЗНИС

(Видео) Арсовски: Со стипендија од 40.000 евра треба да се образува талент кој нема средства, а не министерска ќерка

Со стипендија од 40.000 евра може да се образува некој на кој навистина му е потребна, а не ќерка на министер кој е 15. години на разни државнички позиции, рече на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, во врска со информацијата дека ќерката на министерот Никола Димитров, добила стипендија во висина од 40.000 евра за да студира во странство.

„Замислете, ќерката на Димитров добива стипендија во вредност од 40.000 евра на универзитет во непосредна близина од нивното семејно живеалиште во Холандија, додека пак нашите студенти во Република Македонија немаат кај да спијат и принудени се да спијат во дворовите на студентските домови. Учениците немаат учебници во училиштата, најмалите немаат храна во училиштата“, нагласи Арсовски во своето обраќање.

Како што рече тој, очигледно е дека животот во Република Македонија дошол само за семејствата на функционерите на СДСМ и Владата.

„Ќерката на Димитров добива стипендија од 40.000 евра во Холандија. Синот на Ленче Николовска, советничката на Зоран Заев добива вработување во Фондот за иновации. Снаата на Цветанка Ласкова, советничката на Зоран Заев добива грант од 300.000 евра од Фондот за иновации. Децата на Талат Џафери и Грчев добиваат вработување во ЕЛЕМ. Фирмите на Локвенец и останатите од СДСМ добиваат грантови од стотици илјади евра од Фондот за иновации. Кочо Анѓушев како што знаете добива тендери и грантови секојдневно, како само тој да работи во држава, како и продажба на својата фирма за струја ЕДС на Грција“, додаде портпаролот на опозициската партија.

„Додека ја замајуваат државата со референдум, иднината на државата и европските вредности, граѓаните гледаат дека СДСМ се бори само за својата лична иднина и на своите деца и нивните најблиски, а со Европа и европските вредности имаат заедничко само тоа што функционерите на СДСМ се родени и живеат на тлото на Европа“, кажа Арсовски и додаде дека како партија бараат уште веднаш Никола Димитров да ја повлече стипендијата на својата ќерка и да им се извини на над 30.000 студенти во Република Македонија за тоа што го направил.