6.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Ердоган нема да ја продолжи вонредната состојба во Турција, но продолжуваат масовните апсења и рации

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, се договорил со своите владини партнери да не ја продолжуваат вонредната состојба во земјата, која истекува во јули, пренесува„ Дејли сабах“. Вонредната состојба беше воведена по неуспешниот државен удар во 2016 година и беше продолжувана на секои три месеци.

Ердоган во предизборната кампања изјави дека таа ќе биде укината ако победи на изборите, кои се одржаа минатата недела и на кои Ердоган го обнови својот претседателски мандат, а неговата Партија на правдата и развојот со партнерите освои мнозинство во парламентот.

Турција за неуспешниот државен удар го обвини исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој е во егзил во САД, и ги негира обвинувањата за пучот.

Во исто време, турското обвинителство издаде налози за апсење на 202 осомничени, од кои 57 офицери од вооружените сили, во истрагата насочена против организацијата на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, која во Турција се смета за терористичка. Истрагата ја спроведува обвинителството во округот Батмен, но активности се преземени во вкупно 28 окрузи на Турција. Наредби за апсење се издадени за воен персонал од активниот состав на армијата. Од осомничените, 21 се офицери на жандармеријата, 30 од воздухопловните сили и шест од копнените сили. Засега не се знае колкумина се притворени. Акцијата за апење продолжува, информираат локалните медиуми.

Во меѓувреме, турската полиција изврши претрес во просториите на опозициски информативен портал „Сендика“ во Истанбул. Претресот е извршен веднаш по спроведените апсења на поддржувачи на кандидатот на главната опозициска Републиканска народна партија (ЧХП), Мухарем Инџе, на неодамнешните претседателски избори.

Сајтот соопшти дека за време на претресот во просториите не се наоѓале новинари, додавајќи дека тој е извршен во рамки на истрагата што се води против главниот уредник Али Ергин Демирхан. Демирхан првпат беше уапсен во април под обвинение дека не ги признава резултатите од референдумот за воведување на претседателскиот систем во Турција, а потоа и во мај поради објавување текст со наслов „Ние можеме да ја запреме диктатурата“.

Во меѓувреме, пет лица се уапсени во Измир поради навреда на државници, а претходно биле притворени други седум лица, кои, како што се тврди, го прекориле турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган по митингот на Инџе на 21 јуни. Ердоган беше повторно избран на претседателските избори кои се одржаа во неделата.

Спонзорирано: