12.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Охрабруваат податоците за подобрувањето на животот на Ромите

Денеска во Владата беше презентирано истражувањето за социо-економската положба на граѓаните Роми во Република Македонија, како една од петте земји од Западен Балкан опфатени во регионалното истражување на Светска банка и УНДП (ОН), финансиски поддржано од ЕУ.

Високите претставници на Светска банка, УНДП (ОН) и ЕУ ги поздравија резултатите од истражувањето, кои покажуваат најдобри постигнувања во Република Македонија за положбата на граѓаните Роми во однос на другите земји од Западен Балкан.

Директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава, Марко Мантованели, Шила Марни, претставничка од Регионалната канцеларија на УНДП од Истанбул, Луиза Винтон, постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН (УНДП) и Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во делегацијата на ЕУ, изразија почитување за посветеноста на премиерот Зоран Заев, како и на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и на Владата кон политики на одржлив развој и еднакви права и можности за сите граѓани во Република Македонија и посочија дека ваквиот тренд треба да продолжи за да се добијат уште повидливи резултати за ова прашање коешто е предизвик за регионот, но и за Европа.

Премиерот Заев во воведното обраќање рече дека охрабруваат податоците што упатуваат на подобрување на условите за живот на Ромите во земјава во споредба со другите држави од Западен Балкан.

„Одлучно ја градиме Република Македонија во едно општество за сите, со еднакви шанси за сите, како што пишува во Уставот, според правото на еднаквост со коешто се раѓа секој граѓанин. Оваа граѓанска Влада, во соработка со граѓанските организации, ќе обезбеди социо–економска стабилност на сите граѓани на Македонија. Ќе продолжиме да мотивираме со нашите политики на еднаквост во регионот“, рече премиерот Заев.

Додаде дека според истражувањето, забележан е напредок во запишувањето граѓани Роми во нашата земја во основно или пониско средно образование – оваа стапка во моментов е највисока од сите други држави во Западен Балкан.

„Третина од граѓаните Роми (31 процент од граѓаните на возраст од 22 до 25 години) завршуваат високо средно или терциерно образование во земјава и тој процент е повторно висок во Западен Балкан. Но знаеме дека може и мора подобро“, додаде премиерот.

Заев посочи на активностите на Владата согласно со меѓународните увиди за значењето на предучилишното образование во животот и понатаму на пазарот на труд.

„Во рамки на проектот ‘Инклузија на деца Роми во предучилишни установи’, во текот на учебната 2017-2018 година запишани се вкупно 514 деца Роми во 19 општини во Македонија, или 82 % од предвиденото. Потребни ни се резултати за активирање на граѓани Роми, од 18 до 24 години, во училиште или обука, или на пазарот на трудот“, рече Заев.

Владата веќе донесе програма со којашто се ослободуваат од плаќање здравствена партиципација децата чии родители се корисници на правото на социјална парична помош, што во голем дел ги опфаќа ромските семејства.

„Мене ми е драго што истражувањето покажува дека речиси сите Роми сега поседуваат лична документација. Управата за водење матични книги отвори оглас за сите лица кои не се регистрирани во матичната книга на родени, со оглед на информациите што ги имаме дека околу 600 Роми, според евиденциите, се соочуваат со овој проблем. Владата, преку МТСП и заедно со граѓанските организации исто така сериозно е посветена на подигнувањето на свеста во врска со ризиците од раното стапување во брак. За приоритетните прашања за граѓаните Роми, одвојуваме пари и од централниот буџет, а посветени сме и на изнаоѓање донаторски средства“, рече премиерот.

Заев при тоа повика да се надминат предрасудите и секој граѓанин, институција, општина, претпријатие, да биде потенцијален мост на соработка.

Пред присутните претставници, носители на истражувањето, претставници на локалните самоуправи, на граѓанскиот сектор се обратија и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и министерот без ресор Аксел Ахмедовски.

Министерката Царовска посочи дека заложбите продолжуваат во насока на намалување на јазот меѓу граѓаните со цел „еднаков пристап до права и услуги за сите“.

„Претстојната социјалната реформа преку воведувањето минимален адекватен приход ќе помогне посебно на социо-економски најзагрозените граѓани, меѓу кои се и граѓаните Роми“, рече министерката Царовска и најави активности за функционални населби.

„Ја поздравувам политичката посветеност на Владата за подобрување на условите за живот и работа на граѓаните Роми и очекувам тоа да придонесе кон намалување на иселувањата на младите граѓани Роми од државата“, рече министерот Ахмедовски.

На презентацијата се обратија и претставниците на ЕУ, Светска банка и УНДП.

„ЕУ ја поздравува посветеноста на оваа влада во процесот на инклузија на Ромите, воедно ЕУ ја поздравува и заложбата на оваа влада за вклучувањето на Ромите во општеството, вклучително и Ромите без лични документи“, рече раководителот на Секторот за соработка во делегацијата на ЕУ, Бертолини, кој посочи на важноста од координиран пристап во решавањето на прашањето.

Директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава, Мантованели, рече дека очекува резултатите од истражувањето да помогнат на владите од регионот.

Спонзорирано: