13.8 C
Скопје
1. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Кина забрани Библијата да се купува преку интернет

Библијата исчезна од платформите за онлајн продажба во Кина, поради зголемената владина контрола врз религијата во земјата. Кина отсекогаш ја контролирала продажбата на Библијата, дозволувајќи да биде дистрибуирана и печатена само во црквите под контрола на државата, но во последниве години истата можеше да се набави и на онлајн платформите во земјата.

Меѓутоа, пукнатината на оваа практика што се појави на интернет сега е многу добро затворена. Имено, преку онлајн пребарување, корисниците од Кина не можат да пронајдат ниту една фирма која продава библии. Сепак и понатаму се достапни трудови за христијанството и Куранот. Два од најголемите доставувачи во Кина за Си-ен-ен рекле дека нивните купувачи и натаму ќе може да си набават примерок, но само преку директна порака на нивните интернет страници, а не преку јавна онлајн понуда.

Според новите одлуки на кинеската влада, религиите мора да се прилагодат на социјалистичкото општество.

Сара Кук, аналитичар на „Фридом хаус“ за Источна Азија, вели дека забраната е важен пример за тоа како цензурата се меша со ограничувањата на верските слободи.

„Чувствителните религиозни теми и групи се меѓу најцензурираните во Кина. Во нашето истражување, заклучивме дека кинеските власти интензивно ги користат технолошките методи за да ја контролираат религијата и на некој начин да ги казнат верниците. Тоа вклучува надзор и апсења на верници кои споделуваат информации на интернет“, истакнува Кук.

Религии кои ги признава кинеската влада се: кинески будизам, ислам, католицизам, протестанство и таоизам. Верските активности се надгледувани од страна на официјални државни организации, како што се Кинеската патриотска католичка црква и Будистичката асоцијација на Кина.

Според неодамна објавениот петгодишен план за христијанството во Кина, презентиран од страна на државната администрација за верски прашања, одржувањето на принципот на контрола и управување е важен поради понижувањата кои Кинезите ги трпеле низ историјата преку употребата на христијанството за колонизација и империјализам.

Во овој поглед важно е да се истакне дека кинските бискупи не ги поставува папата, што е клучно „јаболко на раздорот“ меѓу Пекинг и Светата Столица во Ватикан, од нарушувањето на односите во 1951 година.

Спонзорирано: