17.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Средба на Заев со австриска делегација на дипломати и амбасадори од регионот

Премиерот Зоран Заев се сретна со делегација на австриски дипломати и амбасадори од регионот, предводена од Клаус Волфер, раководител на секторот за Западен Балкан во австриското министерство за Европа, интеграција и надворешни работи, придружувани од Ренате Колбер, австриската амбасадорка во земјата.

Австриските амбасадори во Скопје ги подготвуваат приоритетите на австриското претседателство со ЕУ во втората половина од 2018 година во однос на Западен Балкан. Пораката што ја испратија дипломатите и амбасадорите на средбата со премиерот Заев е дека Австрија силно ја поддржува земјава на евроинтеграцискиот пат, како и другите земји во регионот, во интерес на просперитет и стабилност на целиот регион.

Раководителот на секторот за Западен Балкан во австриското Министерство за Европа, интеграција и надворешни работи, Волфер му честиташе на премиерот Заев за реформските промени во државата, во однос на предизвиците со кои се соочуваше државава само пред неполна година и соопшти дека се чувствува позитивната клима во земјата.

Премиерот Заев рече дека за Република Македонија е од големо значење и силната охрабрувачка порака поддршката што ја добива државата од земјите пријатели од ЕУ, како што е Република Австрија. „Ги правиме сите потребни реформи, во правосудството, во јавната администрација, во тајните служби, во медиумите, вклучувајќи ги сите засегнати страни и опозицијата. Градиме пријателства во соседството – по договорот со Република Бугарија, пристапивме и во процес на градење доверба и поактивен дијалог со Република Грција. Нашите очекувања се овие напори на земјава да бидат вреднувани и нашата држава напролет да добие чиста препорака од ЕУ, а за време на австриското претседателство и датум за почеток на преговорите со ЕУ, рече Заев.

Премиерот додаде дека за Република Македонија, ЕУ и НАТО значат економија, повисоки плати, нови работни места за граѓаните и дека доказ за тоа се придвижувањата на инвестициски план, што веќе резултираат со конкретни договори за инвестирање во Македонија. На средбата е изразена согласност дека земјава, а и земјите од Западен Балкан, треба да го искористат позитивниот момент, да работат на реформите и да ги решат билатералните прашања за да станат дел од ЕУ, каде што припаѓа регионот.

Спонзорирано: