20.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Откриени лажни бразилски пасоши на Ким Џонг-ун и татко му

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и неговиот татко извадиле бразилски пасоши со лажни податоци за да може да добиваат визи за патување во западни и азиски земји.

Безбедносни извори ја потврдиле автентичноста на црно-белите фотографии од скенираните пасоши на Ким Џонг-ил и неговиот наследник, сегашниот лидер на Северна Кореја, Ким Џонг-ун. Како што се наведува, бразилските пасоши биле издадени во бразилската амбасада во Прага во февруари 1996 година, пренесува „Раша тудеј“.

Во текстот се наведува дека е познато оти младиот диктатор студирал во Швајцарија, исто така со лажен идентитет, а на бразилскиот пасош, на кој е неговата слика, напишано е дека името му е Јозеф Пваг. Според податоците во пасошот, Јозеф Пваг е роден на 1 февруари 1983 година, а родители му се Рикардо Пваг и Марсела Пваг Џоу од Сао Пауло во Бразил. „Раша тудеј“ наведува дека се верува оти вистинската дата на раѓање на вистинскиот Ким Џон-ун е 8 јануари 1983 или 1984 година.

Пасошот што му е издаден на Ким Џонг-ил е на име Ијонг Чои, со место на раѓање во Сао Пауло, а како датум на раѓање е наведен 4 април 1940 година, иако се знае дека тој бил роден на 16 февруари 1941 година.

Неколку извори од западните безбедносни служби потврдиле за „Ројтерс“ дека бразилските пасоши биле искористени неколку пати во обидот на двајцата лидери да добијат визи за две западни земји, како и за Јапонија, Бразил и за Хонгконг. Меѓутоа, нејасно е дали нивниот план успеал, односно дали им биле издадени визи затоа што од скенираните страници на пасошите тоа не може да се види. Од „Ројтерс“ истакнуваат дека не виделе оригинали на тие пасоши, туку само скенирани страници. Агенцијата наведува дека не успаела да ја потврди нивната автентичност.

Во меѓувреме бразилското Министерство за надворешни работи отвори истрага за тоа дали и кој им ги издал бразилските пасоши на севернокорејските лидери.

Спонзорирано: