3.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Месец на бугарскиот филм

Манифестацијата Месец на бугарскиот филм, која почна во Кинотеката на Македонија на 1 февруари, ќе трае цел месец. Манифестацијата почна со проекција на бугарскиот филм „Лузери“ во режија на Ивајло Христов, кој воедно и беше присутен на проекцијата. Покрај него, гостуваа и продуцентот на филмот, Асен Владимиров, и специјалниот гостин од Националната филмотека на Бугарија, филмологот Росен Спасов. По завршувањето на проекцијата, тие учествуваа во дискусија за филмот под водство на Ивана Смилевска.

Манифестацијата продолжи на 8 февруари со проекција на филмот „Мајмун“ на Димитар Коцев, а на 15 февруари го прикажавме филмот „Слава“ на Кристина Грозева и Петар Валчанов, филм што на сатиричен начин со неорeалистична леснотија дава приказ на современото бугарско општество.

Филмот „Скршување“ на Гриша Островски и Тодор Стојанов, кандидат за венецискиот „Златен лав“ од 1967 година, еден од позначајните наслови од доцните шеесетти, ќе биде прикажан на 22 февруари, кинотечен филм по избор на филмологот од Бугарија, Петар Карџилов, кој воедно ќе биде присутен на проекцијата. Како увертира на овој филм ќе биде прикажан петнаесетминутниот рекламен филм за пивото „шуменско“, „Пијте само пиво ’шуменско’“, најстар сочуван спот за популаризација на еден производ. По завршувањето на проекцијата, гостите од Бугарија ќе учествуваат во дискусија за филмот под водство на новинарот Стојан Синадинов.

Програмата продолжува на 23 февруари со квазирок-фолк-мокументарниот филм „Мал-голем“, филм за малите групи и нивните мали хитови и големи мечти. На 24 февруари на програмата е филмот „Насоки“, филм од поновата бугарска продукција, со кој првпат во 30 години Бугарија учествува во „Посебен поглед“ во Кан. Програмата ќе биде заокружена со филмот „Мисија Лондон“ во режија на Димитар Митовски, кој ќе се прикажува на 25 февруари и е еден од најгледаните бугарски филмови на сите времиња. Кинотеката сè уште прави обиди на затворањето на манифестацијата да присуствува и дел од бугарската екипа на „Мисија Лондон“, вклучувајќи го и режисерот.

Програмата е селектирана и реализирана во соработка со Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и Националната филмотека на Република Бугарија.

Спонзорирано: