23.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Иванов: Решението на наметнатиот спор за името не смее да задира во идентитетот

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за името.

Како што информираат од кабинетот на претседателот, на средбата била разгледана актуелната состојба на процесот кој се води под покровителство на ОН и биле разменети информации и мислења поврзани со идеите и размислувањата на специјалниот пратеник Нимиц, како и со исходот од неговата посета на Атина.

Претседателот Иванов потенцирал дека решението за разликата околу името може да се бара само во рамките на Обединетите нации и го повторил ставот дека е потребно стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – Повелбата на Обединетите нации, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата.

Иванов истакнал дека Република Македонија ќе продолжи и натаму конструктивно да учествува во процесот, со цел изнаоѓање на решение на, како што рекол, наметнатиот спор од страна на Грција, кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ и нема да го наруши достоинството на македонските граѓани.

Претседателот воедно го поздравил интензивирањето на дијалогот и потенцирал дека надминувањето на разликата околу името мора да биде во согласност со меѓународното право и меѓународно преземените обврски.