18.8 C
Скопје
9. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Државната изборна комисија отворена за граѓаните по повод глобалниот Ден на изборите

Стручната служба на Државната изборна комисија (ДИК) организира отворен едукативен ден за граѓаните по повод глобалниот Ден на изборите, кој секоја година се одбележува во првиот четврток од февруари. Годинава глобалниот Ден на изборите се одбележува токму денеска, на 1 февруари, а ДИК првпат од постоењето организира отворен едукативен ден за граѓаните.

„Пред точно 70 години, со универзалната декларација на Обединетите нации, правото на глас е утврдено како едно од основните човекови права. Тоа се остварува преку слободни и фер избори како темел на секое демократско општество“, информираат од ДИК.

По тој повод денеска сите заинтересирани граѓани се добредојдени во просториите на Државната изборна комисија, седиштето и подрачните одделенија и канцеларии, каде што може да проследат едукативна презентација и да се информираат за остварувањето на своето избирачко право со особен фокус на водењето на Избирачкиот список. Воедно, граѓаните имаат можност и да постават прашања до вработените во стручната служба на ДИК, а и да подигнат едукативни материјали.

Инаку, во знак на одбележување на глобалниот Ден на изборите изборните комисии од целиот свет организираат тркалезни маси, дебати, работилници, средби со граѓани и слично, со цел да ја истакнат посветеноста на заштита на правото на глас како едно од основните човекови слободи и права. Овој ден се одбележува како резултат на заложбата што произлегла од глобалната конференција за избори, која се одржала од 15 до 17 септември 2005 година во Будимпешта, Унгарија.