Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Законот за јазиците во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ со 35.000 амандмани ќе ја докажува неговата неуставност

Собранието денеска ќе ја одржи 32. седница на која на дневен ред е Законот за употреба на јазиците, во трето читање, со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик, а кој беше вратен од страна на претседателот Ѓорге Иванов без потпишан указ и со бројни укажувања.

Седницата за овој Закон претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја закажа во предвидениот рок и го стави на повторно гласање.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе 35.000 амандмани кои, како што велат од партијата, имаат за цел усогласување на Законот со Уставот на Република Македонија, а не блокирање на работата на Собранието.

Според процедурата, подносителот за секој амандман има право на три минути или за сите амандмани 105.000 минути. Оптимистичката математика може да се исполни доколку во еден час се образложат 20 амандмани или 240 на ден.

Според оваа математика, тоа би биле 1.680 неделно, но под услов да нема ниту мала пауза помеѓу амандманите, и ако се работи 12 часа на ден, односно непрекинато седум дена во неделата. Но и ова е под услов Собранието да не расправа целиот овој период за ниту една друга точка и да нема слободни викенди.