16.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Германскиот амбасадор Томас Герберих во посета на Прилеп

Амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија, Томас Герберих, денеска престојуваше во официјална и работна посета на Прилеп. Својот престој, амбасадорот го започна со средба со градоначалникот Илија Јованоски, од кого беше запознаен со состојбите во градот, со преземените активности од денот на неговиот избор за градоначалник, како и со проектите кои Општина Прилеп планира да ги реализира во тековната година.

„Амбасадорот Томас Герберих, се интересираше за состојбите во нашиот град, за водоснабдувањето, загадувањето на воздухот, за функционирањето на стопанските субјекти. Со амбасадорот разговаравме за генералната состојба во општината, се договоривме за начинот на кој што наредниот период ќе се одвива нашата соработка. Г-нот Герберих ја искажа подготвеноста на германската амбасада да помогне во оние области, каде што на општина Прилеп ѝ е најмногу потребна помош“, изјави градоначалникот Јованоски.

Герберих рече дека Македонија и Германија долги години соработуваат на полето на политиката, културата и економијата, но нему како на нов амбасадор на СР Германија во Македонија, важно му е да оствари соработката и со општините.

„Мојата сопруга и јас веќе 5 месеци сме во Македонија и сметавме дека е вистинско време да патуваме низ државата со новата Влада и новите реформи, чиј пат ние би сакале да го поддржиме. Градоначалникот ме информираше околу актуелната ситуација и сметам дека од тоа произлегоа почетни точки на кои што во иднина би можеле да соработуваме. Амбасадата од средства на Сојузното Министерство за надворешни работи поддржува мали проекти. Минатата година во Прилеп имплементиравме два, коишто денеска свечено ги примопредадовме. Тоа се кабинетот по биологија во средното медицинско училиште и индустриска машина за перење алишта во домот за стари лица“, потенцираше амбасадорот Герберих.

Германскиот амбасадор и прилепскиот градоначалник го посетија средното медицинско училиште „Ѓорче Петров“, каде во употреба го предадоа кабинетот по биологија. Станува збор за донација на амбасадата на СР Германија во висина од околу 240.000 денари, средства со кои кабинетот беше комплетно уреден и опремен. За време на престојот во Прилеп, амбасадорот Герберих го посети и домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“, каде амбасадата на СР Германија неодамна донираше индустриска машина за перење алишта. Висината на донацијата во домот за стари лица изнесува околу 500.000 денари.

Само преку КФВ банката, во изминатите години Германија инвестирала во проекти во земјава, чија висина изнесува 320 милиони евра.