Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

СДСМ: Тврдењата на Мицкоски дека нема демократски услови во Собранието се неточни

Владејачкиот СДСМ бара од ВМРО-ДПМНЕ да покаже одговорност пред граѓаните и активно да се вклучи во реформските процеси. Како што велат од партијата, целосно неосновани се тврдењата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека нема услови за демократско функционирање на Собранието.
„Со промените по изборот на новата демократска Влада, спроведувањето на реформите и новите политики, почнати се процесите за Собранието да биде вистински храм на демократијата и да работи исклучиво во интерес на сите граѓани. Во тие демократски процеси пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ треба да даде придонес, а не да ги блокира“, велат од СДСМ.
Според партијата, граѓаните на Република Македонија од новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат, конечно, да се ослободи од политиките на поделби, блокади и деструкции и активно да учествува во спроведувањето на зацртаните реформи.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже одговорност пред интересите на граѓаните и државата и конструктивно да се вклучи во реформските процеси, кои обезбедуваат економски раст, повисок животен стандард, демократија, владеење на правото, добрососедски односи и целосна интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО, што истовремено е врвен државен и национален интерес“, велат од СДСМ како реакција на изјавата на Мицкоски дека во моментот не постојат демократски услови за работа на Собранието.
Спонзорирано: