6.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Министерството за локална самоуправа ќе ја поттикне функционалноста на месните и урбаните заедници

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, учествуваше на конференција „Вмрежување и застапување на месните и урбаните заедници – предизвици и препораки за во иднина“, информираат од Министерството.
Притоа, Фазлиу истакнал дека Владата и Министерството за локална самоуправа, надлежно за спроведување на Законот за локална самоуправа, се отворени за барањата коишто произлегуваат директно од граѓаните за преиспитување на улогата и местото на месната самоуправа во системот на локалната самоуправа во Република Македонија.
„Во моментов може да се констатира дека има месни и урбани заедници кои функционираат, но секоја на свој начин. Во голем дел нивната функционалност зависи од подготвеноста на општината да го организира и дефинира начинот на нивно функционирање во статутот на општината. Прашањето е актуелно, индиректно ги засега сите граѓани како можност за директно адресирање на прашањата до локалната власт, но и како начин за активно вклучување во нивното решавање“, рече министерот Фазлиу, кој најави дека Министерството за локална самоуправа ќе подготви и сопствена анализа, притоа имајќи ги предвид направената експертиза од граѓанскиот сектор и добрите пракси од функционалните месни и урбани заедници.
Инаку, денешната конференција беше реализирана во рамките на проектот инициран и спроведуван од Центарот за едукација и развој во Теарце и Форум-центар за стратешки истражувања и документација од Скопје.
Спонзорирано: