Усвојувањето на Законот за употреба на јазиците од страна на македонското Собрание го поздрави шефот на косовската држава, Хашим Тачи. Според него, тоа е високо демократско постигнување за соседната земја, која меѓу првите ја призна независноста на Косово.
„Унапредувањето на политичките права на Албанците во Македонија гарантира многу поголемо граѓанско и етничко единство во соседната република. Им честитаме на албанските граѓани за ова политичко, административно и културно постигнување“, напиша Тачи на својот фејсбук-профил. Според него, усвојувањето на Законот е значаен чекор од Охридскиот договор, кој уште повеќе ги зајакнува соживотот и европската перспектива на Македонија.
И претседателот на косовскиот парламент, Кадри Весели, на „Фејсбук“ му честита на македонскиот парламент за изгласувањето на законот за албанскиот јазик. Тој оценува дека ова е многу значаен чекор во исполнувањето на легитимните права на албанскиот народ во Македонија и дека ќе придонесе во зајакнувањето на демократијата, еднаквоста и етничката хармонија во Македонија.
„Изгласувањето на овој закон претставува големо постигнување во целосната реализација на обврските од Охридскиот договор и од стандрадите барани во рамките на европската интеграција“, напиша Весели на „Фејсбук“.
Спонзорирано: