19.8 C
Скопје
30. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со степенот на транспарентност на Владата, велат од СДСМ

Хистеријата на секојдневно ширење лажни вести од страна на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со напредокот на Република Македонија кон НАТО говори многу, велат од СДСМ како реакција на прес-конференцијата на портпаролот на опозициската партија, Димче Арсовски.

Оттаму истакнуваат дека цела Македонија се радувала и излегла да прослави за убавата вест, поканата за членство на Македонија во НАТО, а само од ВМРО-ДПМНЕ не се израдувале.

„Континуирано во изминатиот период ВМРО-ДПМНЕ шири лаги, класични лажни вести, кои директно или индиректно се поврзани со напредокот на Македонија и членството во НАТО. По сета хистерија прашањето е дали ВМРО-ДПМНЕ е против членството на Македонија во НАТО?“, прашуваат од владејачката партија.

Додаваат и дека лагите на ВМРО-ДПМНЕ се целосно демантирани бидејќи Владата објавила целосен извештај за прославата „Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ“ и, како што велат, јавноста ги знае сите детали околу целокупните трошоци, реализирани во законска и транспарентна постапка.

„Криминалната ВМРО-ДПМНЕ може да учи како се работи транспарентно, одговорно и отчетно. Во времето на режимот цветаа ‘дил ориентед’ зделките, провизиите од милионски суми само за еден пат, рајските шеми за испумпување на парите на граѓаните, офф-шор компании, никој не знаеше каде завршуваа парите на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане запаметена по тоа што доделуваше тендери од милиони евра на компании блиски до партијата, кои дури не ги ни завршуваа работите за кои беа ангажирани“, стои во партиската реакција, а од СДСМ додаваат и дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со степенот на транспарентност на Владата.

Спонзорирано: