26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Столтенберг: Украина успеа да врати 50 отсто од териториите преземени од Русија

Украина продолжува да и нанесува големи загуби на Русија, која е ослабена политички, економски и воено, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Минатата година Украина ги доби битките за Киев, Харков и Херсон, а оваа година продолжува да нанесува големи загуби на Русија“, рече Столтенберг во пресрет на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, каде што една од главните теми ќе биде продолжување на поддршката за Украина во војната против руската агресија.

Столтенберг одржа прес-конференција во пресрет на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, на кој ќе разговараат за актуелните безбедносни предизвици – војната во Украина и конфликтот на Блискиот Исток, како и ситуацијата на Западен Балкан.

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, на кои во среда ќе им се придружи и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, ќе ја потврдат долгорочната поддршка на Алијансата за Украина.

Столтенберг рече дека Украина успеала да врати 50 отсто од териториите окупирани од Русија.

„Тоа е голема победа за Украина, а во меѓувреме Русија е послаба политички, економски и воено“, рече тој.

Тој рече дека овој месец Германија и Холандија најавиле поддршка за Украина од 10 милијарди евра, а Романија отворила центар за обука на украински пилоти за борбени авиони Ф-16.

„Сојузниците, вклучувајќи ги САД и Финска, испраќаат дополнително оружје и муниција за противвоздушна одбрана за да ги заштитат украинските градови од руски напади, а 20 сојузнички земји сега формираа коалиција за воздушна одбрана за Украина“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека сојузниците се согласуваат Украина да стане членка на НАТО и дека на средбата ќе договорат препораки за приоритетни реформи во Украина.