11.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Драма во Задар: таксист киднапирал Американец, му ги украл работите, му се заканувал и барал да плати 150 евра

Полицијата во Задар спроведе кривична истрага против 43-годишен хрватски државјанин кој е осомничен за сторени кривични дела противправно лишување од слобода и изнуда врз странски државјанин, соопшти полицијата.

Тој се сомничи дека на 28 август во Задар му понудил такси-возило на државјанин на САД, кој се согласил да се вози, за договорена сума од 15 евра. После тоа, пријавениот со автомобил низ околните улици го возел 25-годишниот странски државјанин и го оставил на паркинг но не на договорената дестинација, каде му побарал значително поголема сума пари за возењето.

Бидејќи оштетениот не се согласил на сумата туку сакал да ја плати договорената цена, осомничениот одбил да му ги предаде работите од возилото, а потоа насилно го внел во неговото такси возило, упатувајќи му закани и барајќи му сума од 150 евра за возењето, на што жртвата од страв конечно се согласила, пишуваат медиумите во регионот.

Бидејќи немал пари со себе, пријавениот ја однел жртвата до блискиот банкомат за да подигне пари, а дури кога му ги предал парите го пуштил и му ги вратил работите од такси возилото.

Оштетениот го пријавил настанот во полиција, која веднаш започнала истрага, во рамки на која осомничениот вчера бил приведен во полициска станица.