25.8 C
Скопје
28. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
СВЕТИЗБОР

Повеќе од сто милиони луѓе се изложени на ризик поради екстремните горештини ширум светот

Летото само што започна на северната хемисфера, но силниот топлотен бран веќе зафати делови од Европа, Кина и Соединетите Американски Држави, каде викендов се очекуваат рекордно високи температури, што може да послужи како илустрација за опасностите од глобалното затоплување .

Американскиот метеоролошки институт издаде предупредувања за екстремна топлина за повеќе од 100 милиони граѓани, а особено опасни услови се предвидуваат во сојузните држави Аризона, Калифорнија, Невада и Тексас.

Неколку европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Хрватска, Грција, Италија, Шпанија и Полска истовремено се соочуваат со високи температури.

Тие би можеле да достигнат 48 степени Целзиусови на островите Сицилија и Сардинија, објави Европската вселенска агенција, кои се „потенцијално најжешките температури некогаш забележани во Европа“.

Во Северна Африка е исто така жешкo и спарнo, а Мароканската метеоролошка служба издаде црвено предупредување за екстремни горештини во јужните делови на земјата.

Некои кинески провинции, вклучително и главниот град Пекинг, исто така се соочуваат со топлотни бранови, а најголемата кинеска енергетска компанија соопшти дека нејзиното производство на електрична енергија достигна рекордно високо ниво за еден ден.

Минатиот месец веќе беше најтоплиот јуни досега, според американската вселенска агенција НАСА и програмата за климатски промени Коперник, управувана од Европската унија.

Екстремните временски услови кои произлегуваат од сè потоплата клима „за жал стануваат нова норма“, предупредува Петри Таалас, генерален секретар на Светската метеоролошка организација (СМО).

Екстремните горештини се еден од најсмртоносните метеоролошки настани, според СМО. Една неодамнешна студија проценува дека над 61.000 луѓе починале од топлотен удар за време на рекордното топло лето во Европа минатата година.

Фактор кој може да придонесе за високите температури оваа година е климатскиот феномен познат како Ел Нино.

Ел Нино, кој се јавува на секои две до седум години и е обележан со повисоки од просечните температури на површината на морето во централниот и источниот дел на Пацификот во близина на екваторот, трае приближно 9-12 месеци.

Северна Америка веќе се соочи со серија екстремни временски настани ова лето, со чад од шумски пожари кои продолжуваат да горат надвор од контрола во Канада, предизвикувајќи извонредно загадување на воздухот низ поголемиот дел од САД.

Североисточниот дел на САД, а особено сојузната држава Вермонт, исто така неодамна беше погоден од обилни дождови кои предизвикаа разорни поплави.

Според климатолозите, глобалното затоплување може да доведе до пообилни и почести врнежи.

Граѓаните во поголемиот дел од американскиот југ со недели се справуваат со високите температури.

Даниел Свејн, климатски научник од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, рече дека температурите во Долината на смртта би можеле да го достигнат или да го соборат рекордот за највисока температура на воздухот измерена досега на Земјата.

Официјалниот рекорд на WMO е 56,7 степени Целзиусови и е забележан во 1913 година во Долината на смртта, пустина во јужна Калифорнија.

Во Мексикали, град со повеќе од милион жители во северниот дел на Мексико, температурите се искачија на 50 степени Целзиусови оваа недела, принудувајќи многу жители да останат дома, додека волонтерите и властите се обидуваа да им помогнат на оние кои не можеа.

Смртоносниот топлотен бран ги зголеми температурите низ Мексико во јуни, но додека последните недели донесе олеснување во повеќе јужни региони, северните држави навикнати на топлина се зафатени од натпросечни температури.

Топлотните бранови обично го погодуваат Мексико во април и мај, според податоците на Националниот универзитет во Мексико УНАМ. Според експертите, топлотниот бран годинава е посилен поради сушата.

Од високите температури не се поштедени ниту океаните.

Температурите на водата во близина на јужниот брег на Флорида надминаа 32 степени Целзиусови, според Агенцијата за океани и атмосфера.

Што се однесува до Средоземното Море, температурите на површината ќе бидат „исклучително високи“ во текот на следните недели, објави WMO, а во некои делови би можеле да надминат 30 степени Целзиусови, што е неколку степени над просекот.

Зголемувањето на температурите на океаните може да има катастрофални последици за морските животни во однос на нивниот опстанок, а може негативно да влијае и на рибарската индустрија.

На другиот крај на планетата, температурата на морскиот мраз на Антарктикот падна на рекордно ниско ниво во јуни.

Светот се загреал во просек за 1,2 степени Целзиусови од средината на 19 век, што довело до поинтензивни топлотни бранови, поголеми суши во некои области и посилни бури поради зголемувањето на нивото на морето.

Сегашниот топлотен бран „ја нагласува зголемената итност да се намалат емисиите на стакленички гасови што е можно побрзо и колку што е можно повеќе“.

Спонзорирано: