15.8 C
Скопје
14. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Младите знаат дека еднаквоста и нивниот општествен ангажман се важни – Караванот „Остави трага“ испрати порака од Битола

Вториот од серијата јавни настани за подигање на јавната свест која е насловена „Дојди и раскажи ја својата приказна – Остави трага“ се одржа во Битола во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.

Место на одржување беше платото пред Офицерскиот дом во Битола каде се споија уметноста, културата и дебатата за да ги охрабрат младите луѓе да биде општествено поактивни. Целта на ваквите настани е да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, како и да ја подигнат свеста за еднаквоста во општеството.

Ме охрабруваат позитивните реакции кои ги добивме по одржувањето на првиот настан „Остави трага“ во Скопје, но и големото присуство на битолчанки и битолчани на овој настан, посочи за време на панел дискусијата насловена „Еднаква. своја. успешна!“ министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

„Во рамки на ‘Остави трага’ зборуваме за поддршка за младите, заштитата на нивното ментално здравје, но и нивно охрабрување преку успешните приказни кои говорниците ги раскажуваат како мотив за многу млади да размислат и да останат во државата. Апел до сите млади луѓе да ги искористат можности кои ги нудат институциите, а кои се однесуваат на директна финансиска и друга поддршка наменета за млади луѓе за отворање на стартап бизниси, мерките за самовработување и слично“, рече министерката Тренчевска.

Мартин Ангелов, сопственикот на првото знаковно кафуле „Улаф“ се заблагодари на сите присутни и посочи дека за прв пат учествува на ваква манифестација што го прави многу горд многу горд.

 

„Сметам дека е важно да бидеме со отворен ум и да гледаме широко. Токму затоа и го отворивме првото знаковно кафуле во Битола, место кое е отворено за сите луѓе. Имав иницијатива да направам нешто кое ќе биде пример за сите луѓе. Но, во процесот наидовме на многу предизвици со кое глувите луѓе се соочуваат. Мојата следна цел и предизвик за подобра иднина е создавање на вистински инклузивни државни институции кои ќе ни помогнат сите да бидеме еднакви“, посочи Ангелов

Универзитетската професорка Ангелина Станојоска потенцираше дека настаните како „Остави трага“ се многу важни за македонското општество бидејќи ставаат акцент на младите луѓе, еднаквоста меѓу жените и мажите, како и важноста на недискриминацијата и исфрлаето на говорот на омраза од секојдневниот вокабулар.

„Среќна сум што како универзитетска професорка можам да работам со млади луѓе и што науката ми овозможи преку признанија и светски познати стипендии да бидам еднаква меѓу успешните и што ми покажа дека границите не постојат, туку тоа се само контури на нови хоризонти со нови можности“, рече Станојоска.

Културната дигитална платформа „Спознавање“ има за цел алтернативните млади уметници да добијат онлајн место каде можат да бидат свои. Идејата ни беше да излезе и списание, па првиот број го објавивме минатиот месец, посочи коосновачот Дарко Беровски.

„Ја пласираме приказната на самите артисти, а цело време се вклучуваат нови млади луѓе како фотографи, дизајнери, автентични уметници на кои Спознавање им дава простор. Сакаме луѓето што творат музика и уметност, а немаат доволно простор, тука да го добијат. На тој начин сите, особено младите уметници, добиваат можност да остават трага“, рече Беровски.

Идејата за женската трка „Биди своја“ ја добив додека бев во комфор зона, па решив да се променам и активирам па затоа започнав да се пријавувам за учество на трки ширум целата земја, го започна своето излагање основачката Маја Атанасовска.

Тука започна и идејата за „Биди своја“ со цел младите, девојките и жените да се мотивираат, бидат свои и автентични, да се борат зашто можат да успеат. И не е битна минутажата, туку да се стигне до целта – како во трката, како и во животот“, истакна Атанасовска.

Со правилно воспитување и школување, можеме понатаму да влијаеме преку културата, уметноста и образованието во креирање на свеста на секој поединец за еднаквост и подобар свет за сите, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

„Целта е постигната бидејќи сум убедена дека моќните пораки што ги пренесовме јас и моите соговорници, инспирирани од нашите лични искуства и сведоштва, ќе им дадат поттик и мотив на нашите деца, на младите воопшто да се остварат во храбри и одлучни личности, кои ќе бидат активни чинители во современите општествени текови и достоинствено ќе се борат за еднаквост и рамноправност во заедницата“, рече Костадиновска – Стојчевска на панел дебатата.

Во своето обраќање, Марија Андреева, проектна раководителка од Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје, потенцираше дека Европската унија и Советот на Европа преку заедничката програма „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ продолжуваат да ги поддржуваат активностите кои се насочени кон промоција на еднаквоста во општеството и дека љубовта е трага која сите треба да ја оставаме за идните генерации.

Настанот го модерира Огнен Јанески и Ана Јовковска, а официјално го отвори групата „Шербет“. За време на настанот беше изведена мини пиесата „Среќа“ на Интимен театар Битола, дел од студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет – Факултетот за уметност и дизајн изготвија уметнички дела на платно, додека младата уметничка Мартина Наумовска гравираше на стакло и стаклени чаши.