10.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

„Албанијан пост“: Што ја чека Приштина ако Курти не ги прифати условите на Западот

Ако косовскиот премиер Аљбин Курти не ги прифати условите што му ги поставија САД и Европската Унија, Косово може да се соочи со санкции без преседан, пишува „Албанијан пост“.

Порталот пишува, повикувајќи се на дипломатски извори, дека Косово на државно ниво би можело да се соочи со исклучително сериозни ограничувања, а санкциите ќе ги погодат Курти и неговите најблиски соработници. Поделени во две фази со осум точки, санкциите се остри и без преседан во историјата на Косово.

Северот на Косово ќе се врати во состојбата пред 2004 година пред КФОР да ја преземе контролата, средствата од САД и ЕУ ќе бидат блокирани, а меѓународната заедница ќе биде пасивна кон кампањата на Србија за повлекување на признавањето на Косово.

На Приштина ѝ се заканува блокада на интегративните процеси и евентуално исклучување од некои од меѓународните организации во кои веќе е членка.

„Во случај ситуацијата на теренот да се влоши и да дојде до сериозно загрозување на општата безбедност, вклучително и загрозување на војниците на КФОР, премиерот Аљбин Курти и министерот за внатрешни работи, Џељал Свечља, би можеле да бидат прогласени за персона нон грата“, вели дипломатски извор на „Албанијан пост“.

Трансатлантската заедница, објаснува изворот, има витална потреба да не дозволи да не дозволи центар на криза зад крилата на контактната линија со Русија бидејќи, како што тврди специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, Русија има корист од кризата во северот на Косово иако не ја поттикнува.

„Меѓународната заедница е затечена зашто веруваше дека Србија може да биде проблематична кога станува збор за иницирање на француско-германскиот предлог, но никој не очекуваше дека владата на Косово ќе промовира несигурност и ќе поттикне кризи и конфликти преку своите дејства“, вели изворот објаснувајќи го текот на можните санкции.

Во првата фаза Косово би се соочило со финансиски ограничувања во форма на замрзнување на средствата од ЕУ, што значи дека Приштина би останала без милионите евра што секоја година ѝ се слеваат преку владини програми или невладини канали од ЕУ.

Истото тоа ќе се случи и со процесот на визна либерализација, односно слободниот визен режим за граѓаните на Косово.

Освен тоа, Косово беше ставено на дневен ред за членство во Советот на Европа, но и овој процес може да биде запрен во првата фаза од санкциите, која би вклучувала и замрзнување на американските средства и на програмите за косовските безбедносни сили.

Втората фаза од санкциите би била поширока и насочена на политичко и на безбедносно ниво.

Во оваа фаза меѓународната заедница ќе покаже „пасивен однос кон кампањата на Србија за повлекување на признавањето на Косово“, што може да доведе до исклучување на Косово од одредени меѓународни организации.

Една од најстрогите фази на санкциите, според дипломатските извори на „Албанијан пост“, ќе биде реорганизацијата на меѓународното воено присуство.

Бидејќи состојбата на северот од Косово се влошува, Курти и Свечља би можеле да бидат прогласени за непожелни со оправдување дека претставуваат опасност за безбедноста и за мирот.

Но, сето тоа во моментот е на хипотетичко ниво бидејќи Курти и неговата влада имаат рок до петок да се изјаснат за исполнување на трите услови на меѓународната заедница, а Западот се надева дека нема да мора да преземе такви драстични чекори.

Што и да одлучи Курти, јасно е дека меѓународната заедница остана без трпение и бара брз и јасен одговор од Приштина.

Спонзорирано: