17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТНАУКАИЗБОР

НАСА го одржа првиот јавен состанок за НЛО

На ретко виден јавен состанок во Вашингтон, панел од експерти избрани од НАСА да го проучуваат чувствителното прашање на НЛО во средата повторија дека треба да се соберат повеќе информации за да се објаснат феномените.

– Постојните податоци и изјави на очевидци не се доволни за да обезбедат убедливи докази за природата и потеклото на одреден настан – рече Дејвид Спергел, астрофизичар кој претседава со панелот.

– Ни требаат висококвалитетни податоци.

Во текот на летото треба да се објави извештај во кој ќе се опише како да се постигне ова.

НАСА го најави почетокот на истражувањето минатата година и во октомври назначи најмалку 16 експерти за оваа намена. Меѓу нив се истакнати научници, како и шефовите на американската управа за цивилно воздухопловство (FAA) и поранешниот астронаут Скот Кели.

Нивната задача не е да бројат „неидентификувани аномални појави“ – како што официјално се нарекуваат – за да објаснат одредени настани забележани досега, туку да дадат препораки на НАСА како да и пристапат на темата во иднина.

Досега се забележани околу осумстотини необјаснети феномени во воздухот, изјави во средата Шон Киркпатрик, директор на канцеларијата што се занимава со ова прашање во рамките на Министерството за одбрана. Но, „можеби 2 до 5 проценти“ од нив „се навистина ненормални“, рече тој.

Темата е многу сериозна, истакна во средата НАСА, бидејќи истовремено се однесува на националната безбедност и воздушниот сообраќај. Но, постои и голем јавен интерес поради поимот неидентификуван летечки објект (НЛО) кој ја скокотка фантазијата.