Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган уште еднаш се осврна на неговата победа на изборите и го поздрави влегувањето на Турција во нова ера.
Во обраќањето на митингот во Анкара, Ердоган рече дека последните избори, на кои тој излезе како победник, ставија крај на дебатата за стариот систем.
– Коалициската ера никогаш нема да се врати по овие избори. Додека ја славиме стогодишнината од Републиката, пловиме кон нови хоризонти. Пред нас е „Векот на Турција“ и тоа е знак на решителност да се постигнат поголеми цели со остварување на вековни цели. Турската демократија е најголемиот победник на овие избори – рече Ердоган.
За време на говорот, Ердоган се осврна на тврдењата на западните аналитичари и политичари дека воспоставил автократски систем на владеење.
– Дали диктаторите се принудени да се натпреваруваат во вториот круг? – праша Ердоган.
Да потсетиме, во вториот круг од претседателските избори одржани на 28 мај, Ердоган освои 52,18 отсто од гласовите, со што доби нов петгодишен мандат на чело на Турција. Неговиот противкандидат Кемал Киличдароглу, претставник на здружената опозиција, освои 47,82 отсто од гласовите.