17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Расправии за Ердоган причина за убиствата во фабриката на „Мерцедес“

Политичките несогласувања се можен мотив за вчерашното убиство во фабриката на „Мерцедес“ во Синделфинген. Во престрелката загинаа двајца работници, а за делото е осомничен турскиот државјанин Мурат Д. (53), возач на виљушкар.

Се верува дека Мурат ги убил своите шефови и сонародници Озкан К. (44) и Ајхан Б. (44) со најмалку девет истрели, со кои наводно се расправал за претстојните избори во Турција. Едниот починал на самото место, а другиот починал во болница.

Германските медиуми пишуваат дека осомничениот Мурат пред убиството објавил заканувачко видео на „Тик-ток“ во кое наведува: „Ако вашата слобода е загрозена, треба да ја вратите назад“.

Еден од работниците на „Мерцедес“, кој го познава осомничениот, вели дека тој во последно време чудно се однесувал.

„Често разговаравме за време на паузата. Во последно време тој постојано зборуваше за политика и како човек треба да се брани“, изјавил работникот.

Се верува дека Мурат бил против Ердоган, а двајца негови колеги навивале за актуелниот претседател на Турција да биде реизбран на изборите, што ќе се одржат в недела на 14 мај.

„Имаше тензија меѓу Мурат и двајцата шефови. Мурат се чувствуваше угнетено, но можеби само замислувал“, вели еден од колегите.

Од фабриката велат дека Мурат таму работел околу една година.

Убиените зад себе ги оставија сопругите и децата, а осомничениот Мурат, по разводот, живеел сам.