25.8 C
Скопје
28. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ЕУ бара поништување на градоначалничките мандати на северот од Косово

Политичкиот советник на косовскиот премиер Аблин Курти, Јетон Зуљфај, изјави денеска дека Европската Унија побарала новоизбраните претседатели на општините на северот на Косово да не положуваат заклетва и да им бидат поништени мандатите, пренесува „Политика“.

Зуљфај во изјава за „Коха“ порача дека не може да се испорачуваат барања за менување на законските услови дефинирани со уставот и законите на Косово.

„Имаме градоначалници што се избрани во согласност со законската процедура. Го осудуваме намерниот бојкот на Српска листа, кој очигледно беше погрешен. Меѓутоа, нивниот бојкот е погрешна одлука, што ние не можеме да ја толерираме“, истакна Зуљфај.

Зборувајќи за статутот на заедницата на српските општини (ЗСО), кој го претстави српскиот управувачки тим на состанокот во Брисел во вторникот, Зуљфај посочи дека таквиот предлог е скандалозен и целосно неприфатлив за Приштина.

„Нацртот што тие го претставија е целосно неприфатлив за нас. Овој тим сега е распуштен и повеќе не ни треба“, рече тој и додаде дека косовската страна ќе ги претстави своите идеи на следниот состанок.

„Кога ќе разговараме следниот пат, ќе имаме свои идеи. Барањето ЗСО да нема извршни овластувања не е само наше, тоа е став и на ЕУ и на САД“, посочи Зуљфај.

Зуљфај рече дека владата во Приштина не планира да формира друг управувачки тим за нацрт-статутот за ЗСО.

„Никому веќе не му е потребен тој управувачки тим. Тимот ја претстави својата желба за Република Српска на Косово. Ние го прогласивме нивниот нацрт-статут за неприфатлив. Сега сме во нова фаза кога ја имаме визијата на премиерот“, рече тој.

Изјавата на Зуљфај е во иста линија со ставот на косовскиот премиер Курти, кој вчера истакна дека нацрт-статутот на ЗСО што им го претставиле на состанокот во Брисел е „целосно спротивен на Уставот и законите на Косово, спротивно на демократијата, европските вредности, човековите права и малцинските права“.

„Претставив своја нацрт-визија за тоа како треба да изгледаат вредностите и принципите, која би била рамката што го регулира прашањето за немнозинските заедници, етничките малцинства, поконкретно за Србите во Косово. Верувам дека тоа ќе биде сериозно третирано од посредниците Борел и Лајчак“, рече Курти и додаде дека Србите треба да живеат во Косово и да имаат права.

Спонзорирано: