17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Фронтекс: Да се внимава со апликациите на ЕТИАС преку неофицијални веб-страници

Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) објави дека веќе постојат десетици неофицијални веб-страници на Системот за информации за патување и овластување на ЕУ (ЕТИАС) преку кои патниците ќе аплицираат за патување во ЕУ, пренсува Радио Слободна Европа.

ЕТИАС предвидува патниците од земји со безвизен режим да аплицираат за одобрување пред да патуваат во Европа. За да се зајакне внатрешната безбедност на ЕУ, системот ќе проверува дали патникот претставува закана за безбедноста, илегалната миграција или за јавното здравје.

Регулативата за ЕТИАС дозволува комерцијални посредници да аплицираат за дозвола за патување во име на трети лица.

Кога ЕТИАС ќе биде оперативен, комерцијалните посредници ќе можат да ја користат неговата официјална веб-страница како единствен официјален канал за пријава на патувањата на своите клиенти.

„Регистрацијата на официјалната веб-страница ќе чини седум евра, а дополнителните трошоци ќе ги плати посредникот,“ се наведува во соопштението на Фронтекс објавено минатата недела на нивната веб-страница.

Фронтекс исто така предупреди дека е важно е да се осигура дека чувствителните податоци на патниците не се злоупотребуваат бидејќи процесот за најавување во системот ќе бара од него да обезбеди лични податоци (податоци од пасош, број на кредитна картичка и други).

„Важно е патникот внимателно да размисли кому ќе даде лични податоци и колку е подготвен да плати дополнително кога аплицира за патна дозвола. Важно е патниците внимателно да ги земат предвид овие фактори“, истакнува Франсоа Ларуел, директорот на Отсекот за централната единица ЕТИАС во Фронтекс.

Ларуел посочува дека бројот на неофицијални веб-страници на ETIAS на повеќе јазици веќе надмина 50, предупредувајќи дека не сите се безбедни за користење.

Заедно со другите институции на ЕУ и со 30 европски земји, Фронтекс се подготвува за почеток на работата на ЕТИАС, што се очекува во 2024 година. Фронтекс ќе ја хостира централната единица ЕТИАС за ракување со апликации и помош на патниците и превозниците, а апликацијата ќе биде достапна 24/7.

На официјалната веб-страница на ЕТИАС се наведува дека процесот на одобрување на патувањето во принсип ќе трае неколку минути, а одобрението ќе важи три години.

Воведувањето на ЕТИАС ќе важи за граѓаните на околу 60 земји со безвизен режим – околу 1,4 милијарди луѓе- и затоа, како што наведуваат од Фронтекс, од клучно значење е тие да бидат добро информирани за претстојната промена во правилата за патување на ЕУ.

Официјалната веб-страница на ЕТИАС, europa.eu/etias, покрената во 2022 година, ќе им обезбеди на патниците информации за новите одредби, процесот на аплицирање, жалбите и за други релевантни теми.