8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Суданската армија се согласи на 24-часовен прекин на огнот

Суданската армија се согласила на 24-часовен прекин на огнот кој ќе започне во 18 часот по локално време (16:00 часот по Гринич), изјави генералот Шамс ел-Дин Кабаши за „Ал-Арабија“.

Кабаши додаде дека две соседни земји, кои не ги именуваше, се обидуваат да обезбедат помош за Силите за брза поддршка (РСФ).

Изјавата на суданскиот генерал доаѓа само неколку часа откако суданската армија утринава негираше какви било информации за предложеното 24-часовно примирје од лидерот на РСФ, Мохамед Хамдан Дагло – попознат како Хемети – со цел да се извлечат телата на загинатите во борбите и да се овозможи евакуација на цивилите.

Повикот дојде по разговорот на Дагло со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Сепак, началникот на суданската армија и де факто лидер на Судан, генерал Абдул Фатах ал-Бурхан, го отфрли предлогот и продолжи со воздушни напади низ целата земја.

„Не сме информирани за каква било координација со посредниците и меѓународната заедница за примирје, а декларацијата на бунтовниците за 24-часовно примирје има за цел да го прикрие катастрофалниот пораз што ќе го доживее за неколку часа“, истакна официјалниот портпарол на суданските вооружени сили.

Суданската армија претходно на 16 април го прифати предлогот на ОН за отворање хуманитарни коридори по три часа секој ден. Од РСФ, пак, рекоа дека се подготвени да прифатат и четиричасовни дневни хуманитарни прекини.

Сепак, и двете страни го задржаа правото да одговорат на провокациите и, на крај, не успеаја да ги исполнат своите ветувања.

Борбите сè уште можеа да се слушнат утринава низ главниот град Картум, кој претрпе големи штети, вклучително и на болничките згради. Централниот комитет на суданските лекари (CCSD) предупреди дека десетици болници низ земјата се затворени поради борбите и предупреди дека целиот здравствен систем е пред колапс.

Актуелниот конфликт во Судан произлегува од несогласувањата околу интеграцијата на РСФ – една од најмоќните сили во земјата – во редовната војска. Според податоците на ОН, најмалку 185 луѓе се убиени, а повеќе од 1.800 се ранети откако во текот на викендот избувна насилството меѓу двете вооружени фракции. Други извори сугерираат дека бројот на загинати е значително поголем.