14.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Илјадници унгарски и руски профили на „Твитер“ реактивирани како турски

Илјадници профили на „Твитер“ отворени на руски или на унгарски јазик повторно се активирани како турски корисници неколку недели пред изборите во Турција на 14 мај, што ја зголемува можноста за мешање во изборите преку социјалните мрежи, пренесува „Мидл ист ај“.

Иако само една четвртина од населението во Турција користи „Твитер“, оваа социјална мрежа е важен засилувач што може да влијае на дебатата пред изборите.

Ахмет Туран Хан, генерален директор на компанијата за политички консултации и истражување „Датајлор“, вели дека откриле мрежа на корисници на „Твитер“ – најверојатно ботови – кои неодамна го промениле својот идентитет.

„Околу 12.000 профили на ‘Твитер’ на руски и унгарски јазик беа активирани како турски и сега ги следат сите политички партии и лидери. Најмалку 10.000 од нив се активирани во последните две недели “, вели Хан.

Хан истакна дека 56 % од овие профили во минатото споделувале содржина на руски јазик, 28 % на унгарски, а преостанатите споделувале содржина на англиски.

„Веруваме дека унгарските профили биле користени пред унгарските избори минатата година“, рече тој.

Турскиот „Твитер“ е особено подложен на тролање и ширење лажни вести бидејќи најголемите политички партии – и владејачките и опозициските – ја туркаат својата агенда преку т.н. бот-профили.

Претходните истражувања спроведени во 2021 година покажаа дека од 30 до 50 отсто од трендовските теми во Турција се лажни и се главно поттикнати со употреба на ботови.

Во 2020 година „Твитер“ затвори околу 7.340 профили во Турција тврдејќи дека тие се „информативни операции поврзани со државата“.

Спонзорирано: