15.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Кина наскоро ќе го претстави својот предлог за крај на војната во Украина

Кина ќе претстави сопствен предлог за политичко решение на војната во Украина, најави денеска шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји на Минхенската безбедносна конференција.

Обраќајќи се на глобалниот собир на врвни политичари и безбедносни функционери, Ванг Ји изрази жалење за новиот „менталитет на Студената војна“, нагласувајќи дека Пекинг ќе застане на страната на мирот и дијалогот. Тој ја најави посветеноста на неговата земја за мировни преговори, кои ќе дојдат во форма на документ за политичко решение на војната.

– Цврсто ќе застанеме на страната на мирот и дијалогот – им порача Ји на присутните на форумот.

Во прикриената критика на Западот, тој рече дека Кина верува дека има „некои сили“ кои не сакаат мировните преговори меѓу Украина и Русија да успеат.

Пекинг не ја осуди руската инвазија на Украина и наместо тоа ги критикуваше западните санкции против Москва и продажбата на оружје на Киев. Но, Народна Република Кина, исто така, избегна да покаже јасна солидарност со Русија за да не ги загрози сопствените трговски односи со Западот.

Кинескиот претседател Си Џинпинг се очекува да одржи „мировен говор“ на годишнината од инвазијата на Украина на 24 февруари, продолжувајќи го повикот на Пекинг за мир, избегнувајќи ја осудата од Москва.

Недели пред инвазијата минатата година, Москва и Пекинг се согласија на партнерство „без задржување“ и се приближуваа кон формирање на оска на нации кои сакаат да го балансираат глобалното влијание на Америка.

– Секое засилување на кинеската сила е и зајакнување на надежта за мир во светот – изјави Ванг Ји на публиката која ја сочинуваа политичари, воени претставници и дипломати.

Спонзорирано: