20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

Уништен град, од урнатините се шири смрдеа на трупови: „ Како пекол“

Младо момче во турскиот град Елбистан седи на куп од урнат бетон и свиткан метал, гледајќи во мал отвор во урнатините каде некогаш се наоѓал домот на неговото семејство, пишуваат медиумите во регионот.

Тој, според написите не сака да зборува, а соседот Мустафа Бахчиван рекол дека „мајката и сестра му се уште се под урнатините“.

Смрдеа на мртви тела, како што известуваат туурските медиуми, се шири низ студениот и правлив воздух во Елбистан, епицентарот на силните последователни потреси што се случија неколку часа по разорниот земјотрес во кој минатата недела загинаа повеќе од 35.000 луѓе во Турција и соседна Сирија.

Според последните податоци, во земјотресот што на 6 февруари ги погоди Турција и Сирија загинаа над 35.000 лица.

Спасувачите продолжуваат да ги пронаоѓаат и извлекуваат живите жители во некои погодени области.

Така, во понеделникот вечерта од урнатините живи се извлечени седум лица, пишува турскиот печат, меѓу кои тригодишно дете во Кахраманмарас и 60-годишна жена во Бесна. 40-годишна жена е спасена по 170 часа во Газиантеп.

Но, ниските температури во Елбистан, кој се наоѓа во планинскиот регион во југоисточна Турција, ги намалуваат шансите да се најдат преживеани.

Граѓаните се обидуваат да спасат што можат, пишува Ројтерс, кој во неделата го посети градот додека багерите копаат низ урнатините.

Триесет и двегодишниот Бахчиван бил сопственик на продавница за мобилни телефони во улица која била речиси целосно уништена. Тој рече дека се вратил да ги пребарува урнатините со надеж дека ќе најде неоштетени телефони кои можеби ќе може да ги продаде.

„Ова е нашиот дом. Порано ова беше една од најфреквентните улици“, вели Бахчиван, чија сопруга и шестгодишно дете се засолниле во блиското кафуле.

Малку подолу по улицата, четворица членови на семејството се качиле на уште еден куп урнатини, каде се обидуваат да ги спасат своите лични работи.

„Сакаме само да земеме храна“, рече Билал Болукбаси, таткото.

Жителите низ целиот град шетаат со кренати мобилни телефони, обидувајќи се да снимат што останало. „Како сувенир“, рече еден човек.

Група инженери поминаа низ главниот пат. Савас Карабулут, сеизмолог од Техничкиот универзитет во Гебзе, изјави дека се врши проценка на штетите за да се подготви извештај.

Со проучување на урнатините, групата сака да утврди дали некои од поновите згради се изградени без да бидат усогласасени со законските стандарди, додаде Карабулут, критикувајќи ја владата, која, како што рече, што не ги послушала предупредувањата за голем земјотрес.

Турскиот потпретседател Фуат Октај во неделата изјави дека досега се идентификувани 131 лице осомничени дека се одговорни за уривањето на некои од илјадниците згради срамнети со земја во десет провинции погодени од земјотресите.

Телекомуникациски инженер кој ја процени штетата во областа рече дека Елбистан е особено силно погоден. „Тоа е исто како пекол“, додаде тој.