Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТИЗБОР

Претседателот на Јужна Кореја: Разговараме за заеднички нуклеарни вежби со САД

Сеул и Вашингтон разговараат за заеднички воени вежби кои вклучуваат американски нуклеарни средства за да се спротивстават на растечките нуклеарни закани на Северна Кореја, изјави јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол.

Во интервју за весникот Chosun Ilbo, Јун призна дека американскиот „нуклеарен чадор“ и нивното „проширено одвраќање“ веќе не се доволни за да ги смират Јужнокорејците.

„Нуклеарното оружје им припаѓа на САД, но подготовката, споделувањето информации, вежбите и обуката треба заеднички да ги вршат Јужна Кореја и САД“, рече јужнокорејскиот претседател, додавајќи дека Вашингтон ја примил идејата „прилично позитивно“.

Неговата изјава дојде еден ден откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун повика на „експоненцијално зголемување“ на нуклеарниот арсенал на неговата земја, според официјалната севернокорејска новинска агенција KCNA.

Ким Јонг Ун, исто така, најави дека Северна Кореја ќе развие нови интерконтинентални балистички ракети (ICBM) за да се спротивстави на, како што рече, непријателството од САД и Јужна Кореја.

Во текот на 2022 година, Северна Кореја изврши рекорден број лансирања на проектили.

Пјонгјанг истрела три балистички проектили во саботата на новогодишната ноќ, а една во зори во неделата на првиот ден од 2023 година.

Под претседателство на Јун, Јужна Кореја ги зголеми заедничките воени вежби со САД, кои беа намалени за време на пандемијата, а беа прекинати под неговиот претходник поради дипломатските преговори со Северна Кореја кои на крајот беа неуспешни.

Спонзорирано: