8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

Поради корона затворија град со шест милиони жители

Женгжу, град во централна Кина, кој е дом на огромна фабрика за „ајфони“, нареди затворање на шест милиони луѓе откако порастот на случаите на Ковид-19 предизвика насилни протести во индустрискиот центар.

Стотици работници протестираа пред фабриката и беа соочени со полиција вооружена со палки и облечени во бели комбинезони за да се заштитат од инфекција.

Веднаш потоа, градските власти наредија голема кампања за тестирање на коронавирус во неколку населби кои беа затворени пет дена, почнувајќи од петок на полноќ.

Жителите од центарот на градот повеќе не можат да ја напуштат својата населба без негативен ПЦР-тест и дозвола од локалните власти. Им беше препорачано да не го напуштаат соседството, „освен ако е апсолутно неопходно“.

Мерките зафатија околу половина од населението на Женгжу и не се однесуваат на делот од градот каде што се наоѓа фабриката за „ајфони“, каде работниците веќе неколку недели се подложени на строги мерки.

Како дел од нејзината политика „нулта ковид“, која Кина немилосрдно ја применува, дури и најмалото зголемување на инфекцијата резултира со затворање на цели градови и задолжителен карантин за секој што ќе биде позитивен на коронавирусот.

Но, за повеќето луѓе, оваа стратегија предизвикува замор, отпор и незадоволство.

Министерството за здравство во четвртокот објави нов рекорден број на позитивни случаи во последните 24 часа – 31.444 локални случаи, од кои 27.517 биле без симптоми.

Сепак, овие бројки се многу мали во споредба со 1,4 милијарди жители на Кина и бројките во западните земји.