5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАСВЕТТОП ВЕСТИ

Борел потврди: Србија и Косово постигнаа договор за табличките

Србија и Косово постигнаа договор и за пререгистрација на возилата, ова на Твитер го потврди шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.

– Имаме договор! Со големо задоволство можам да соопштам дека главните преговарачи на Косово и Србија, со посредство на ЕУ, договорија мерки за избегнување на понатамошна ескалација со цел целосно да се концентрираат на предлогот за нормализација на нивните односи – напиша Борељ на Твитер.

Како што наведе, Србија ќе престане да издава регистарски таблички со имињата на косовските градови, а Косово ќе ги прекине понатамошните активности во врска со пререгистрацијата на возилата, додавајќи дека во наредните денови ќе ги покани двете страни да разговараат за следните чекори.

Тој му се заблагодари и на Мирослав Лајчак за вложениот труд.

Потсетуваме, главните преговарачи на Србија и Косово, Петар Петковиќ и Бесник Бислими денеска престојуваа во Брисел, каде што се сретнаа со специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог, Мирослав Лајчак.

На почетокот на средбата, претставникот на ЕУ, Мирослав Лајчак рече дека се надева оти денеска ќе успеат да најдат решение за деескалација на тензиите на терен.

– Денеска сум домаќин на главните преговарачи на Косово и Србија, во продолжение на нашата средба на високо ниво. Искрено се надевам дека денеска ќе успееме да најдеме решение за деескалација на тензиите на терен и да работиме на нормализација на односите. Разговорите се во тек – изјави Лајчак на Твитер околу 16:00 часот.

Главните преговарачи дојдоа во европската престолнина само два дена по неуспешните разговори на високо ниво во Брисел.

Вучиќ тогаш од Белград соопшти дека Србија се согласила со предлогот на Европската унија – до понатамошно известување да не се издаваат таблички за градовите во Косово, а наместо таблички КМ, тие да бидат неутрални таблички КС, кои косовските власти престанаа да ги издаваат минатата година.